Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две малолетни деца и трето на пат, невработена сум, а сопругот ме малтретира психички секојдневно, вика и удира и сето тоа пред децата. Се дере и на нив, а помалото почнува да плаче, дури липа. Поголемото почна да станува агресивно и го имитира истото што го прави татко му. Не знам што да правам, никаде не гледам излез од ова. Ве молам за одговор.

ОДГОВОР: Почитувана мајка, навистина ми е жал за вашата ситуација. Децата реагираат несоодветно, исплашено и агресивно како резултат на присутната и постојана агресија и насилство во вашиот дом. Ваквиот начин на постојано функционирање дома секогаш креира длабоки трауматски преживувања кај децата, кои честопати го сопираат нивниот развој или им носат многу развојни проблеми сега, но и понатаму во животот.


Потребно е да изнајдете посоодветно и посигурно решение за да го адресирате ова насилство, да се обидете да се дистанцирате од него доколку не постојат поинакви начини, и да работите на ефектите кои ваквата ситуација и релација ги има искреирано кај вас.

Семејното насилство треба да се пријави и да се посегне по помошта која е потребна во вакви ситуации. Постојат и сигурни куќи кои доколку жената одлучи да го напушти насилниот партнер, ја изолираат жената без можност за закани и можни ескалации на насилството. Исто така, постојат и центри за семејно насилство кои обезбедуваат правна и психолошка помош за жртвите на семејно насилство. Повелете линк до сите сервиси обезбедени во рамки на платформата Глас против насилство (https://www.glasprotivnasilstvo.org.mk/natsionalna-mrezha/programa-za-rabota/).

Верувам дека и во рамки на вашиот град или регион дејствуваат доста здруженија и нудат програми со цел да им помогнат на семејствата во криза. Воопшто не е лесно, но е возможно.
Верувам дека стравот е преголем, како и тоа дека чувствувате дека сте сами во ова. Но не сте сами. Многу жени биле на ваше место и успеале да направат многу храбри чекори и да обезбедат одредена стабилност, мир и посоодветни услови за развој за себе и за своите деца.
Навистина ви посакувам да најдете сила, како и соодветната поддршка за да го направите она што е најпотребно за вас и вашите деца. Доколку ви е потребно да добиете дополнителна поддршка, и насоки во однос на дефинирање и преземање на вака значајни одлуки, обратете ми се на radmila.zivanovic@gmail.com или psihoterapika@gmail.com.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X