Најавата за предупредувачки штрајк предизвика бурни реакции меѓу родителите, но и нервоза зашто не знаат дали да ги носат децата на настава в понеделник. Додека едни ги поддржуваат оние што се подготвени да штрајкуваат, други го критикуваат избраното време за овој чекор на синдикатот, трети коментираат за деновите што ќе треба да се одработат…

Доколку Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) одлучи да има предупредувачки штрајк на вработени во образовната дејност, родителите по сè изгледа ќе треба да прашаат во училиштето дали детето да појде на настава на 2 септември. Голем број од наставниот кадар, според информациите од СОНК, се членови на синдикатот. Меѓутоа, искуството од минатите години покажува дека кога се штрајкува, некои работат, а други не. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека ќе почекаат да видат што ќе се случи во текот на утрешниот ден и в недела официјално ќе кажат дали в понеделник ќе има предупредувачки штрајк. На прашањето како родителите да знаат дали детето ќе оди во училиште, повтори дека официјалната информација за предупредувачкиот штрајк ќе ја дадат в недела.

Наставниците се незадоволни од најавеното зголемување на платите од 5 отсто. Неделковски изјави дека синдикатот ѝ дава рок на Владата до 1 септември за преговори и за реално зголемување на платите на сите вработени во образовната дејност.
– Не сме задоволни од зголемувањето на платите од 5 проценти. Реално би било зголемувањето да е 20 проценти – рече Неделков.

Тој објаснува дека доколку не се договорат со Владата, на 2 септември ќе има предупредувачки штрајк. Потоа, септември ќе го определат за преговори со Владата.
– Доколку ништо не се договориме и во септември, имаме опција за генерален штрајк. Ние сме репрезентативен синдикат со околу 30.000 члена. Ги повикувам сите други синдикати да ни се приклучат – вели Неделков.

Фото: Архива

Министерот за образование Арбер Адеми апелираше наставниците да се подготват за настава бидејќи учениците на 2 септември ќе одат на училиште. Тој објасни дека во споредба со лани, платите на наставниците се покачени за 10 отсто, а покачувањето на платите најавено од Министерството за образование и наука засега изнесува 5 отсто, што според наставниците е многу ниско и тие бараат покачување од 25 отсто.

Инаку, најавата за предупредувачки штрајк предизвика бурни реакции меѓу родителите, но и нервоза зашто не знаат дали да ги носат децата на настава в понеделник. Додека едни ги поддржуваат оние што се подготвени да штрајкуваат, други го критикуваат избраното време за овој чекор на синдикатот, трети коментираат за деновите што ќе треба да се одработат…

– Целосно ги поддржувам наставниците во нивната борба за достоинствена плата. Не за просечна, туку за двојна! И тоа со најрадикални мерки. Но, детето нема да го пуштам да одработува во саботи, ниту по 31 декември ниту по 10 јуни. Зашто децата ни се најголеми жртви на нашето гнило општество – секој ден по 6 часа и тоа во трето одделение (а пак се неписмени по секоја основа), немаат физичко зашто спортските сали се приватни бизниси на општините, секој ден циркуси во највисоките државни институции, раскарани синдикати и наставници со партиски книшки. На крај, децата стануваат алатка за уцена за да се добие нешто во општеството. А на 1 Мај повторно сите ќе вртат скара наместо да се борат за своите работнички права – вели Марија Ѓорѓиевска.



912

X