Самостојниот синдикат за образование, наука и култура денеска побара од Министерството за труд и социјална политика веднаш да реагира и да се реши проблемот во врска со незаконското зголемување на работното време на воспитувачките и негувателките во градинките, на кои наместо 6 и 7 часа, им е наложено да работат фиксно 8 часа.
Тој додаде дека инспекцијата при Министерството за труд и социјална политика не го почитува ова работно време и издава решенија до директорите, со кои им наложува да го реорганизираат работното време и фиксно да се работи 8 часа.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска одговори дека нема никакво зголемување на работното време на вработените во градинките.
Фото: Архива
– Како министерка за труд и социјална политика, одговорно тврдам дека не се работи за никакво кршење на работничките права, вклучително и за вработените во градинките. Нема зголемување на работното време, сѐ е во согласност со законот и никој не дал насока да се крши тоа право. Министерството нема испратено никаков допис во кој наведува или дава насоки за прекршување на правата на вработените во градинките – рече Шахпаска на отворањето градинка во Општина Брвеница.
Таа вели дека не се планира затворање на градинките поради состојбата со Ковид-19, бидејќи последниот неделен извештај покажува тенденција на пад на бројот на новозаразени како кај вработените така и кај децата.
912