Оливера Николова е несомнено голем автор зашто ни остави книга која ја читаше мојата генерација, а ја читаше и генерацијата на мојата ќерка. Децата денес се брзи и имаат можност да видат сѐ – вели режисерот Александар Поповски, кој в година ќе снима детска серија според култната лектира


Мојата генерација имаше среќа да расте со „Бушавата азбука“. Многу е важно кога постои референца по која можеш да се раководиш. „Бушавата азбука“ беше навистина посебна и имаше некој прекрасен спој на едукација, хумор и музика. Кога почнав да размислувам за серија за деца, морам да признам дека прва помисла ми беше „Зоки Поки“. Да не филозофирам, едноставно прва работа што ја изговорив беше насловот на таа книга – вели режисерот Александар Поповски, кој в година ќе снима ТВ-серија според култната детска книга, која успеа да му одолее на забот на времето.

– Оливера Николова е несомнено голем автор зашто ни остави книга која ја читаше мојата генерација, а ја читаше и генерацијата на мојата ќерка. Децата денес се брзи и имаат можност да видат сѐ. За да им го задржиш вниманието, треба да се потрудиш. Ние имавме само еден цртан филм дневно во седум часот. И тоа главно на руски. Или „Мечето Ушко“. Кога ќе добиевме „Том и Џери“, беше празник. Тие денес имаат канали со цртани. Помислив дека оваа книга, која преживеала различни генерации, ќе може да го задржи вниманието и да врати нешто од вредностите што полека исчезнуваат – нагласува Поповски.
Засега е планирано да бидат снимени десет епизоди. Режисерот нагласува дека книгата има многу интересен материјал, од кој е направен добар избор на теми и приказни.

– Посебен куриозитет ми е скопската приказна, дека „Зоки Поки“ е пишувана според Зоки МЦМ. Чувствувам само радост и возбуда за проектов. Она што за мене e највaжно е да се најде вистински начин како да се задржат вредностите од книгата, а да се модернизира изразот и да се најде начин да се доближи до денешната публика. Во секој случај, ќе биде интересно.
Продуцент на серијата ќе биде Роберт Насков. Со Поповски тие последен пат соработуваа на филмот „Балканот не е мртов“.
– Помеѓу две партии шах во Маврово разговаравме што би можеле заедно да работиме. Откако се договоривме дека тоа би била ТВ-серија, јас предложив да направиме детска серија бидејќи во Македонија недостига ТВ-програма за деца. Тогаш Александар ја даде идејата за „Зоки Поки“, која со воодушевување ја прифатив. Бидејќи „Зоки Поки“ е бренд, идејата е да не биде продуцирана само ТВ-серија, туку проект кој ќе опфаќа повеќе медиуми. За тоа е потребно повеќе време. Потребни се и поголеми подготовки за самата серија, околу кастингот, изборот на локации, екипата – објаснува Насков.

Писателката Оливера Николова се одушевила од идејата за екранизација на нејзината книга, вели тој.

– Таа е прекрасна жена и веднаш го одобри концептот на серијата и модернизирањето на ликовите од книгата според интересот на денешните деца, времето во кое тие живеат и начинот на кој комуницираат. Искрено ѝ благодарам за тоа – посочува Насков.
Поради училишните обврски на децата што ќе бидат вклучени во серијата, снимањето би морало да се одвива во текот на нивниот распуст, вели продуцентот. Затоа следните пролет и лето би биле најсоодветно време.

– Кастингот, кога се работи за актери-деца, е долг процес, така што во моментов можам да кажам дека сите деца на возраст од 6 до 9 години се потенцијални Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки…

 



912

X