Воспитување

Со приказните, со „еднаш одамна“ вознемиреноста исчезнува

Магичниот нов свет во кој децата влегуваат помеѓу будноста и спиењето кога нивните родители им ги читаат возбудливите авантури на нивните омилени ликови, за многумина е дел од нивното детство на кое со радост се сеќаваат и кој им ги обликувал идните животни интереси. Од друга страна, тие не мора нужно да бидат приказни од книга, ниту пак да ги читаат родителите. Можете да им раскажувате на децата за вашите роднини, вашите браќа и сестри, баби и дедовци. Можете да им раскажувате приказни за вашиот живот. Експертите велат дека тоа е еден од најубавите подароци што можете да им ги дадете на децата, а за тоа не треба да бидете талентирани или особено умешни. Ви треба само малку добра волја и време.

Ова се седум причини зошто читањето или раскажувањето приказни е одлично за децата:

Приказните ги продлабочуваат корените на детето

„Твојот прапрадедо бил чевлар. Тој работел вредно и луѓето знаеле дека можат да дојдат кај него поради неговата квалитетна изработка“. Учењето за предок може да им даде на децата чувство на гордост и поврзаност со семејството и да придонесе за нивниот идентитет. Слушањето приказни им помага на децата да се чувствуваат поврзани со нивните корени. Учењето за предизвиците со кои се соочиле нашите предци може да им даде на децата сила да истраат во тешките времиња.

Приказните ги подготвуваат за различни ситуации

„Еднаш бев во паркот и ми пријде човек кој не го познавав“ – рекла мајката. Детето слуша со интерес, а таа ја раскажува приказната и суптилно вметнува практични совети што да прави детето во слична ситуација. Доколку сакате да му пренесете таква порака на вашето дете, но не знаете како да пристапите и што да правите, можете да барате сликовници со слична содржина приспособени на возраста на детето во библиотеките и книжарниците и да ја прочитате пред одење в кревет.

Приказните ги смируваат стравовите

Светлата се гасат и куќата потонува во темнина, но застрашувачкиот татнеж на бури и громови кои можат да ги исплашат децата ќе бидат избркани од приказна за паметен мал крал и убава принцеза или друга омилена бајка. Со „Еднаш одамна“ тензијата и вознемиреноста стануваат многу поблаги или целосно исчезнуваат.

Приказните градат карактер

Раскажувањето приказни на децата помага да ги научиме и на нашите вредности. Многумина од нас можат да раскажат приказни што сме ги слушнале, а кои опишуваат нечија мудрост, сила или други позитивни квалитети.

Приказните можат да поучат

Децата сакаат приказни и учат подобро слушајќи приказни отколку правејќи други работи. Приказните им овозможуваат на децата да научат за другите деца, а со тоа и за себе, вели лиценцираната советничка Алисон Едвардс. Ако вашето дете е загрижено за нешто, обидете се со приказна за да го натерате да се чувствува помалку осамено во својата анксиозност.

„Нема да веруваш кој исто така многу се грижел како дете“ – ова е реченица со чија помош проблемот одеднаш ќе стане многу помал.

Приказните ве зближуваат

Со читање и раскажување приказни, родителите се зближуваат со своите деца, не само на емотивен туку и на физички план. Зборувајте и читајте прегрнати в кревет или додека вашето дете е стуткано до вас седејќи во неговата омилена фотелја.

Приказните можат да направат сè да биде позабавно

Досадното долго чекање во чекалница или стоењето во сообраќајна редица, со забавна приказна, ќе создаде магија што ќе направи времето да помине многу побрзо. Раскажувањето приказни на децата не само што е добро за нивниот мозок и јазични вештини, туку е и забавно и може да направи побрзо и поубаво да помине времето.

Автор: Мери Џо Вајс

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top