Во моменти кога ја живееме и се бориме со пандемијата на коронавирусот, ние се бориме и со ИНФОДЕМИЈАТА, или пандемија на лажни информации или дезинформации, вели психологот м-р Адмир Б. Косоврасти, специјализант по медицинска психологија

Стравот од коронавирусот е сеопфатен. Постојано примаме нови информации – од типот колку новоинфицирани имаме, процентуалноста на умрени и излекувани, како и за потенцијалните ризици, па несомнено кај нас расте стравот и може да премине во анксиозност и да се развие паника.

Во период на глобализација и колективна здравствена криза се појавуваат многу информации кои се необработени, а луѓето ги собираат од социјалните мрежи и разни таблоиди. Така во моменти кога ја живееме и се бориме со пандемијата од коронавирусот, ние се бориме и со ИНФОДЕМИЈАТА, или пандемија на лажни информации или дезинформации. И, за несреќа, кај многу поединци овие информации изгледаат реални и вистинити, а воедно се во функција многу повеќе отколку рестриктивните мерки што произлегуваат од здравствените власти.

Апелирам до сите, информациите да се земаат од сигурен извор и од релевантни институции.

Во овој контекст би напоменал два моменти.
Првиот е што кај некои индивидуи се појавува однесување или илузија на неповредливост, што значи дека работите што се случуваат се случуваат далеку од нас и дека му се случуваат на некој друг и дека нам не може да ни се случи ништо.
И вториот момент е дека тие индивидуи можат да појават ризично однесување придружено со ниска евалуација и перцепција за состојбата во која се наоѓаме.

Кај инфективните болести клучно е однесувањето на поединецот и групата. Доколку не ги применуваме мерките или, пак, имаме илузија на неповредливост и ниска евалуација и перцепција за состојбата, тогаш потенцијално влегуваме во ризично однесување и потенцијално ширење на вирусот, што придонесува за загрозување на личното и здравјето на колективот.

И доколку дојде моментот да се заразиме, тогаш во никој случај тие луѓе не треба да се стигматизираат. Ако денес е инфициран некој поединец, утре може да бидеш инфициран ти или да бидам јас!!!

Во овие моменти најбитно е да проработи нашата рационалност, одговорност, свеста и совеста за наскоро сите да се радуваме на заедничката слобода.



912

X