Многу пати сум била сведок кога родител ќе го потчукне детето, ќе го потскубне, па дури и ќе го потклоцне, и тоа се случува на јавни места, во училиштата и во градинките. Тоа не е екстремно насилство, но тоа остава последици врз секое дете и на тоа треба да работиме – истакна денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска


Да се зајакне системот за заштита на детето, да се користат конкретни системи за справување со случаи на насилство врз децата во сите надлежни институции, со фокус на индивидуалните потреби на секое дете жртва на насилство се, меѓу другото, заклучоците од студијата за институционални механизми за заштита на децата од насилство што ја организира УНИЦЕФ, заедно со неколку министерства, а денес беше презентирана јавно.
Податоците од извештајот укажуваат дека состојбата е многу сериозна, нагласи раководителот на Секторот за соработка со ЕУ, Никола Бертолини. Тој го нарече документот „феномен, што не е карактеристичен за едно општество“.

– Извештајот дава практични препораки за зајакнување на системот за заштита на детето, за подобрување на заштитата на децата, кои се жртви на сите форми на насилство во земјава, а се упатува и значајна порака до образовниот систем. Се препорачува дека е потребно да постојат конкретни дефинирани системи за управување со случаи во сите надлежни институции, фокусирајќи се на индивидуалните карактеристики на секој случај и индивидуалните потреби на секое дете жртва на насилството. Меѓу другото, се препорачува дека треба да има и развој на критериуми и воспоставување специјализиран стандардизиран сервис за деца жртви на насилство – нагласи Бертолини.

Повеќе од 90 деца се евидентирани како жртви на семејно насилство во минатата година, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на презентацијата на студијата. Тој додаде дека од 903 кривични дела на семејно насилство, во кои се евидентирани 976 жртви, жените се речиси две третини од регистрираните жртви.

Сите ние секојдневно гледаме насилство врз детето во семејството, за кое едноставно си молчиме. Многу пати сум била сведок, истакна денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, кога родител ќе го потчукне детето, ќе го потскубне, па дури и ќе го потклоцне, и тоа се случува на јавни места, во училиштата и во градинките.

– Тоа не е екстремно насилство, но тоа е насилство што остава последици врз секое дете и на тоа треба да работиме. Сите ние заедно да ја покренеме јавната свест, свеста дека родителството не вклучува и насилство, дека родителството не е педагошка мерка, дека со насилството му правиме штета на детето, но правиме и штета на целото општество затоа што со тоа создаваме насилна култура на однесување. И тоа треба да го спречиме- порача Царовска.

Училиштата претставуваат исклучително важен дел во процесот на препознавање и пријавување на случаите на насилство, злоупотреба и занемарување на деца. МОН и УНИЦЕФ подготвуваат практичен прирачник за превенција и интервенција на насилство во училиштата. Министерката Рената Дескоска е убедена дека овој прирачник ќе ја одреди и олесни улогата на училиштето во постапките за препознавање и пријавување на случаите на насилство, злоупотреба и занемарување на децата.
– Физичкото насилство е највидливо, но исто толку присутни и погубни се и сите други форми на насилство, како емоционалното насилство, булингот, сексуалното вознемирување… Лузните што не се гледаат се најтешки да се излекуваат во текот на животот, а поедноставно е да се изгради здрава детска личност отколку да се попрва возрасен човек – рече Дескоска и додаде дека возрасните имаат одговорност „да ги следат и да учат за развојот на современите технологии во процесот на комуникација и нагласи дека за тоа е потребно да се изградат начини што ќе оневозможуваат појави на т.н. електронско насилство.“

Повеќе психолози ќе бидат вклучени во докторските тимови во ургентните центри, клиниките и болниците, кои ќе помогнат да се препознаат жртвите на насилство, најави министерот за здравство Венко Филипче.
– Здравствените работници се едни од првите што се соочуваат со жртвите на семејно насилство, пред сѐ, со насилството врз децата. Многу често немаат капацитет да ги препознаат, ниту пак имаат поддршка од сериозни тимови – рече Филипче.

 



912

X