Мајката Пола Кука секојдневно споделува илустрации на својот инстаграм-профил, како дел од својот проект кој го започнала во породилиштето, но бидејќи собрала голем број следбеници, решила да продолжи да ја споделува својата креативна страна.
– Почнав да ги правам овие илустрации за некако да ги документирам првите години од животот на моите деца – рекла Пола, објаснувајќи како планирала да го продолжи својот проект приватно со второто бебе, но одлучила да продолжи бидејќи неочекувано собрала голем број следбеници. Илустрациите опишуваат многу делови од мајчинството за кои ретко се зборува, како што се постојаните размислувања за тоа што треба и што не треба да правиме како мајки, но и вознемиреноста за сите мали и големи проблеми и хуморот и љубовта што децата ги внесуваат во нашите животи, но и осаменоста која често ја чувствуваме.
– Си вршиме голем притисок да бидеме совршени мајки, но сфатив дека штом отворено признав некои работи, другите мајки почнаа да ми се доверуваат со истите исповеди и проблеми – вели Пола, додавајќи дека си помогнала себеси и на другите со овие илустрации, за да знаат дека не се сами.
Нејзините илустрации покажуваат како сите можеме да бидеме заедно во мајчинството ако само избереме да бидеме искрени едни со други.
– Ги изработував моите илустрации за личен проект и никогаш не мислев дека ќе им помогнам на други жени, но кога видов како одекнуваат кај другите, добив мотивација што ме прави да се чувствувам како да го правам токму она што требало да го правам – заклучила таа.