Вулкани, фонтани, патеки за автомобили, трикови за совладување на азбуката и бројките се само дел од идеите со кои ќе ја развиете креативноста кај децата и притоа ќе се забавувате, а ќе ги најдете на инстаграм-профилот „Активности за деца“

Инстаграм-профилот на Елена Неделковска, „Активности за деца“, станува сѐ попопуларен кај родителите од Македонија. Елена, која има тригодишен син и живее на релација Данска-Шведска, со интересни постови раскажува како се забавува со своето синче со часови и притоа го учи. Ако ги следите нејзините постови, дома никогаш нема да ви биде здодевно. Сите активности што ги предлага Елена се врз база на рециклирање, материјали кои сите ги имаме во домот, а најважно од сѐ, според неа, е да го вклучите детето да работи заедно со вас. Вулкани, фонтани, патеки за автомобили, трикови за совладување на азбуката и бројките се само дел од идеите со кои ќе ја развиете креативноста кај децата и притоа ќе се забавувате.

Елена со синчето Михаил

Децата побрзо учат преку игра

Елена вели дека приказната за „Активности за деца“ почнала кога добила можност да работи како помошник во градинка во Данска. Работела во група со деца од четири години. Активностите што ги подготвувале педагозите и воспитувачите биле наменети за возраста на децата и за секоја добивале информации за што е наменета и како таа активност влијае врз детето.

– Резултатите беа воодушевувачки за мене, децата без никакви тешкотии преку игра брзо учеа и запаметуваа. Решив овие методи да ги применам и за мојот син, кој тогаш имаше 2 години. Направив за почеток неколку активности, а детето сакаше да соработува со мене. Тоа ми даде уште поголема сила и поддршка да продолжам да ги подготвувам игрите наменети за него. Секој ден го следев неговото напредување преку активностите, продолжив да читам и да собирам повеќе информации за тоа што е соодветно за негова возраст. Сѐ ми беше зачувано преку слики и видеа. Еден ден пробав на „Инстаграм“ да побарам македонски профили за оваа намена. Не најдов ниту еден, па решив да го отворам „Активности за деца“. Благодарение на мајките што ми ја дадоа поддршката, јас продолжив да го водам овој профил, така што денес имам над 6.000 следбеници – раскажува Елена.

Најголемата инспирација за активностите ѝ е синот Михаил, кој има три години, како и неговата соработка и неговото напредување. Идеите ги добива според потребите и желбите на Михаил, внимава сите активности да бидат приспособени кон она што му недостига.

– На пример, периодов работиме на тоа како полесно да ги препознае броевите 6 и 9. Секогаш има забуна околу овие две бројки, па спремам активности кои ќе му помогнат полесно да ги совлада. Исто така, изработуваме и активности според негова желба. Многу често знае да каже да изработиме нешто заедно, на пример, неодамна правевме салон за миење возила, автопат, игралиште за кошарка итн. Целта со овие активности ми е да го согледувам развојот на детето, да го пополнам времето кога му е досадно и да го оттргнам целосното внимание од телефонот или таблетот – вели Елена.

 

 

View this post on Instagram

 

Ако една играчка се здосади веднаш ја правиме во друга ? Прво одлучивме да биде стадион за фудбал но на крај направивме игралиште за кошарка ?. Веќе цел час помина обидувајќи се да ги погоди топчињата во кошот. Успеа само две топчина да ги погоди, се измори и ја остави. По кратко време повторно побара да игра. Одличен предизвик и не толку лесен за Михаил ?. Што се употребивме за игралиштето: – кутија -темперни бои -шипката за кошот ја направивме од тврдо картонско руле. -хартија подебела за подлогата на шипката и таблата -руле за кошот -стапчиња од сладолед -ластик за врзување на стапчињата -топчиња Брзо и едноставно за изработка ?

A post shared by Активности за деца (@aktivnosti_za_deca) on

Покрај секојдневните постови, таа креира и инста-работилници. Елена вели дека мајките што ја следат ѝ испраќаат активности што тие ги изработуваат со нивните деца, па тоа ја натерало да научи и да истражува повеќе и за поголеми деца, како и за деца под две години. Кога собрала доволно информации и активности за деца од секакви возрасти, решила да ја отвори првата инста-работилница на која правеле групна изработка на одредена активност.

– Најпрвин мислев дека нема да успеам во сето тоа, но бројот на мајки што се пријавија во инста-работилницата многу ме изненади. Првата работилница се состоеше од 10 групи. Како што ги правевме групите со ред, се пријавуваа сè повеќе мајки со деца од различна возраст. Поради тоа, потоа формирав групи со активности за деца од најмала возраст, односно од 4 месеци до 7 години. Во групите секогаш имаше топол и пријатен однос помеѓу мајките, а тоа ме прави среќна. Се создадоа и многу пријателства, се научија многу нови работи, се разменија многу мислења од мајките и на крај сите бевме среќни и задоволни од работилницата. Сè беше бесплатно, мајките се пријавуваа на тој начин што ми праќаа пораки дека сакаат да бидат во работилницата и преку порака се договаравме за возраста на активноста итн. Поради големата заинтересираност за работилницата, во тек е и нова инста-работилница во која можат да се пријават сите мајки што сакаат да учествуваат и повторно сето тоа е бесплатно – вели таа.

 

 

View this post on Instagram

 

DIY Car Wash Мама те молам да ми направиш една игра со миење на коли, ќе ми дојди другарче на гости па сакам да играме со тоа- ми вели денес Михаил редејќи ги и барајќи ги малите количиња. -Михаил моментално немам време за тоа сине. -Ама само малку време мама. И тоа малку време одзеде час и половина, но барем успеавме да ја направиме точно на време. Кога дојде другарчето го расчистувавме само нередот ? Ама се исплати, цело време играа со тоа заедно, една па друга кола и така со ред цел час ??

A post shared by Активности за деца (@aktivnosti_za_deca) on

Активирајте се за доброто на вашите деца

Во време кога децата се заразени од технологијата, овие нејзини креативни постови се одличен начин децата да се оттргнат од телефоните. Ја прашуваме за совет за родителите чии деца се зависници од технологија?
– На родителите им препорачувам да ги активираат своите деца, да играат со нив и преку игра да ги научат на корисни работи. Не мора да користат активности од мојот блог, нека го прават тоа на свој начин, според потребите на детето. Исто така, во денешно време децата не треба да бидат целосно оттргнати од технологијата бидејќи живееме во време кога технологијата нѐ носи напред. Детето, исто така, многу работи учи и преку песничките, игрите, но сето тоа треба да биде со ограничено време, односно не повеќе од половина час на ден. Детето може да користи и мобилен и таблет, но родителот е тој што треба да го научи детето паметно да ја користи технологијата за паметни цели, во што не спаѓа целодневното седење и играње игри или следење на социјалните мрежи. И да не ни даваат слободно време обврските, сепак, не заборавајте дека децата го учат од нас, родителите, начинот на пристап во животот.

Елена засега му останува верна на „Инстаграм“, но има побарувачка да отвори профил и на „Фејсбук“ бидејќи многу мајки сакаат да ја следат, а немаат инстаграм-профили. Вели дека ќе се прошири на други социјални мрежи, а можеби и со своја страница кога ќе биде подготвена за тоа.

Какви се шведските и данските градинки?

Со нејзиното семејство живее буквално во две земји – Данска и Шведска. Нејзиниот сопруг е роден и живее во Данска. Таа дошла во Данска пред четири години, а пред една година решиле сите заедно да се преселат во Шведска.
– Ние сме фамилија која не се плаши од предизвици и сака да пробува нови нешта, од кои учиме. Па затоа решивме да пробаме еден нов живот. Но бидејќи мојот сопруг сѐ уште работи во Данска, и цела негова фамилија е таму, како и нашите пријатели, постојано сме на релација Данска – Шведска.

 

 

View this post on Instagram

 

Вулкан и вулканска ерупција беше една од активностите која ја изработувавме во деветтата инста работилница. Што се нас ни требаше за оваа активност. *За вулканот: -тајнир поголем -чаша -алуминиумска фолија -тоалетна хартија потопена во вода -темперни бои -четки за боење и облигатори. *За ерупцијата: -вода -течен сапун -сода -боја -оцет Најпрво се става чашата на средина од тајнирот и се обложува со фолија се заедно (види последна слика). Може да се стави под фолијата и меки изгужвани весници за да не пропаѓа фолијата при обработка. Тоалетна хартија се потопува со вода, и така потопена со нанесува на фолијата и се обликува со помош на облигатор. Откако ќе се обложи цела фолија со хартија, додека е сеуште водена се исцртува со бои. Се остава да се суши. Сушењето одзема 2-3 дена. Декорирате по желба. За ерупција во чашата што се наоѓа во вулканот се става малку вода, повеќе сапун течен, малку боја и 1-2 лажичиња сода. Од горе се дотурва оцет. ‼️Доколку се работи за мали деца се препорачува оцетот да е во чашата со вулканот а останатите работи да се измешаат во посебна чаша и да се дотурат. Михаил беше многу возбуден и среќен, се надевам дека и останатите мајки и деца имаа одлична забава. Другите изработки од оваа активност погледнете ги во Highlight Група 9. @aktivitepaylasimi

A post shared by Активности за деца (@aktivnosti_za_deca) on

Михаил има три години и посетува градинка од неговата прва година. Елена раскажува дека најпрво почнал во градинка во Данска.
– Пристапот на педагозите и воспитувачките, како и посветеното време за адаптација на Михаил во самата градинка, беше повеќе од добар. Мајката има право со детето да седи во градинка две недели, така што секој ден сè повеќе и повеќе го остава детето да остане само во градинка, односно без нејзино присуство. Така децата многу полесно се навикнуваат на средината кога мајката е до нив, како и на новите лица. За Михаил тоа беше екстра, се навикна брзо, сакаше деца и сакаше да игра со нив – вели Елена.

Таа раскажува дека градинките во Данска и во Шведска функционираат на ист начин. Наставата е иста, почнуваат со работа од 6 часот, децата добиваат појадок, потоа имаат утринска гимнастика со песнички и активности кои се претходно подготвени. Во 9 часот имаат ужина, која се состои само од овошје, и разговараат меѓу себе. По ужината децата одат да играат надвор без разлика на временските услови.

– Во градинките тука од најголема важност е децата колку што можат повеќе да играат надвор. Надвор се снабдени со песок, вода, детски трактори за возење, трицикли, играчки, детски парк со лулашки и лизгалки, засадување растенија, качување на дрвја и др., и често децата се изнесуваат и надвор од градинката, на пример, во посета на зоолошка градина, во посета на пожарна, полиција итн. Во 11:30 часот добиваат ручек, потоа помалите деца одат на спиење, додека поголемите деца добиваат активности внатре во градинката. Во два часот повторно добиваат ужина и потоа одат повторно надвор сѐ додека родителот не го земе детето. Предностите се тоа што на секое дете му се обрнува внимание, односно во група од 25 деца има еден главен педагог, две воспитувачки и еден помошник, па така знам дека моето дете не е запоставено. Недостаток не согледувам во градинките и во двете земји – вели таа.

 

 

View this post on Instagram

 

Денешна активност, изработка на ракета ?

A post shared by Активности за деца (@aktivnosti_za_deca) on

Елена додава дека и воспитувањето на децата, како во градинките така и дома, е насочено кон градење самостојни и одговорни единки.

–  Тука децата се насочени кој самостојност и одговорност, ги учат на тоа од најмала возраст, односно од 8 месеци детето само го оставаат да јаде со прибор, секое дете по јадењето треба да си го остави приборот за јадење на работната маса, поголемите деца сами ја облекуваат облеката или обувките. Кога доаѓа до караница помеѓу децата, секогаш се оставаат да го решат сами проблемот. Повеќе спецификации сретнавме во градинката во Данска, каде што децата спијат во колички надвор и на студено време. Престојот на децата во градинката беше 80 проценти на отворено, така што често и ручекот го даваат надвор.



912

X