Во Париз ќе настапиме со уште 18 земји од Европа, земји со различни култури и со различни менталитети, но освен музиката, заедничка ни е нашата обврска да се грижиме за планетата Земја. Тоа е нешто што е важно за целото човештво. Сакаме да поттикнеме што е можно повеќе луѓе во Европа, па и во светот, да се грижат за иднината на нашиот единствен дом – планетата Земја, вели Анастасија од „Дајте музика“

Миха, Анастасија, Филип и Кики ги прават последните подготовки за настапот на Детскиот избор за песна на Евровизија 2021, кој ќе се одржи задутре (19 декември) во Париз. Нивната песна „Green Forces“ носи силна порака. Со песна се борат за заштита на животната средина и против злото што ѝ е нанесено на планетата Земја со глобалното затоплување. Сакаат да поттикнат што е можно повеќе деца да го согледаат наследството и да почнат да се однесуваат одговoрно кон единственото место кое 7,9 милијарди луѓе го нарекуваат дом.
Четворица тинејџери се дел од екипата на „Дајте музика“ и беа избрани за претставници на Македонија од Македонската радио-телевизија.

Оваа година 19. издание на јуниорскиот Избор за песна на Евровизија ќе се одржи во концертна сала „La Seine Musicale“ во Париз, по победата која Валентина ѝ ја донесе на Франција. Францускиот национален сервис како домаќин и ЕБУ ветуваат одлична програма. Директен пренос ќе има на Македонската радио-телевизија.

Каква порака низ стихови испраќа „Green Forces“?

Mиха: „Green Forces“ е песна за планетата Земја, за злото што ѝ е нанесено со неодговорното однесување на луѓето, загадувањето, глобалното затоплување и со климатските промени.

Анастасија: Во Париз ќе настапиме со уште 18 земји од Европа, земји со различни култури и со различни менталитети, но освен музиката, заедничка ни е нашата обврска да се грижиме за планетата Земја. Тоа е нешто што е важно за целото човештво. Сакаме да поттикнеме што е можно повеќе луѓе во Европа, па и во светот, да се грижат за иднината на нашиот единствен дом – планетата Земја.

Се ближи настапот. Ве фаќа ли трема, возбуда?

Миха: Тремата е составен дел од секој наш настап! Но кога ќе добиеме добра енергија од публиката, на која ѝ возвраќаме исто, сѐ е поинаку.

Какво чувство ве надвладеа кога дознавте дека вие сте претставници на годинашната Детска Евровизија?

Филип: Кога нашата продуцентка Цаци Паковска нѐ праша што мислиме за идејата да учествуваме на Детска Евровизија, сите бевме изненадени. WOW, од каде??! Но за серијалот во кој настапивме имаме снимено 90 епизоди, имаме 3 музички цедеа, сите имаме по неколку свои песни и имаме заедничка театарска претстава, па идејата ни беше огромен предизвик!

Што претставува овој фестивал за вас? Каков впечаток сакате да оставите? По што сакате да ве запамети европската публика?

Кики: Без оглед на тоа што Македонија важи за мала земја, ние имаме преубава музика, македонските филмови имаат светски успеси и имаме светски познати спортисти, така што нема од што да се плашиме, напротив, горди сме што ќе учествуваме на еден ваков голем настан! Напорно работевме на целиот проект и ќе дадеме сѐ од себе за да бидеме на висина на задачата.

Кои се вашите очекувања од Париз и што си посакувате?

Кики: Благодарни сме ѝ на Македонската телевизија што ни ја даде оваа огромна шанса – да ја претставиме нашата земја на најголемата јуниорска сцена во Европа, каде што ќе пренесеме важна порака која го засега целото човештво. Таа можност ја сметаме како победа сама по себе.

Која е вашата најсилна страна? По што сметате дека ќе се издвоите од конкурентите?

Миха: Знаеме дека овој настап е различен од сите што досега сме ги имале. Одговорноста е голема и овие денови сме сериозно посветени на подготовките. Среќни сме што имаме супер тим кој работи со нас. Ние четворицата работиме заедно веќе 3 години и си се имаме еден со друг. Тоа е најважно!

„Дајте музика“ стана омилен бренд кај младите. Бројот на вашите обожаватели од ден на ден расте. Голема е одговорноста кога сте идол на новите генерации. Какво влијание сакате да извршите врз младите? Каков пример претпочитате да бидете и која е вашата порака до нив?

Анастасија: Навистина сме среќни што „Дајте музика“ им е омилена на младите. Серијата е многу поучна. Нашите улоги во „Дајте музика“ и она што навистина сме не се разликуваат! Ние самите имаме учествувано во изборот на многу теми и имаме давано многу насоки за сценаријата во серијалот.

Кики: Кога се подготвувавме за Детска Евровизија, сфативме што значи да си им идол на младите. Нашата генерација има многу проблеми: врсничко насилство, одговорности во училиштето, почитување на различностите, права на децата, а тука се и загадувањето и животната околина. Среќни сме што преку своите примери, на некој начин, сме дел од решенијата на сите овие проблеми.
Миха: А пораката до обожавателите на „Green Forces“ е: „Однесувајте се одговорно кон планетата Земја – таа е нашиот единствен дом!“

Во продолжение погледнете го видеото од нивната прва проба



912

X