Доколку МОН беше добро организирано, а и почетокот на учебната година добро искоординиран, ќе започневме со функционална национална платформа за учење на далечина и наставниот процес ќе се одвиваше без тешкотии за наставниците и за учениците, вели наставникот Јовевски од Крива Паланка
Заедно со уште тројца просветни работници, одделенскиот наставник Добри Јовевски од ООУ „Илинден“ од Крива Паланка е најдобриот просветен работник за учебната 2019/2020 година. Кои се предизвиците и во вакви тешки услови да се биде наставник? Што го прави добар еден наставник во 21 век? Ова се дел од прашањата што ги отворивме со Јовевски.
Ви значи ли признанието дека сте избрани меѓу најдобрите просветни работници?
– Секое оддавање признание значи особен поттик за понатамошен професионален развој на секој човек. Како одделенски наставник во ООУ „Илинден“ во Крива Паланка, со дведецениско искуство во работата, особено сум горд бидејќи сум добитник на највисокото признание во државата во сфера на образованието – „Просветен работник за 2019/2020 година“. Мојата работа беше препознаена од врвни компетентни и стручни лица од Сојузот на просветни работници. Ова признание го чувствувам како признание за целиот колектив каде што како тим сите заедно го остваруваме воспитно-образовниот процес и кој ме номинира за ова високо признание, за што на колегите од срце им благодарам.
Што, според Вас, го прави еден наставник добар? Кои квалитети треба да ги има во 21 век?
– Неколку особини го обележуваат просветниот работник како успешен. Квалитетниот наставник е приспособлив на секаква ситуација, континуирано професионално се усовршува, отворен е за соработка со колегите, остварува широка комуникација со родителите и ги следи општествените случувања, особено од сферата на образованието. Добар наставник, покрај сите други квалитети, во својата личност носи детска фантазија, хуманизам, толеранција, хумор и желба да им го отвори видикот на учениците за предизвиците во животот. Кога велиме дека квалитетите на еден наставник во 21 век се важни, значи дека овој сегашен период на образование многу се разликува од претходниот. Наглите пресвртници од техничко-технолошкиот напредок влијаат врз сите области, а сè започнува од образованието и едукацијата. Креативноста на наставниците е моќен фактор за инспирирање на учениците и реализација на целите од програмите.
Учебната 2020/2021 година е предизвик за сите. Како Вие се снаоѓате со онлајн-наставата?
– Земајќи го предвид искуството како наставник многу години наназад, користејќи сегменти од онлајн-настава со ученици и организирање вебинари за наставници, не ми претставува голема тешкотија сегашното реализирање на наставата на далечина. Учебната 2020/2021 е предизвик за целиот свет. Соочени со потребите за надминување на тешкотиите со реализирање онлајн-настава, јас се вклучив во организацијата согласно насоките на училиштето. Свесни сме дека постојат сериозни проблеми за реализација на ваков тип едукација на децата. Голем број ученици немаат соодветна компјутерска опрема и интернет-конекција, како што и наставниците немаат соодветна опрема. Еден од нив сум и јас, часовите ги реализирам со дотраен училиштен десктоп-компјутер. Државата мора да обезбеди соодветни ресурси за работа на наставниците, лаптопи и интернет-конекција за олеснување на целокупната работа. Ги согледувам придобивките насочени кон користење на технологијата за едукација на учениците. Недостатоците се насочени кон недоволна интеракција, тешкотии во создавање навики, културно и одговорно однесување на сите субјекти вклучени во овој процес, како и обврската што им се наметнува на семејствата кои не се педагошко-психолошко обучени.
Сметате ли дека државата можеше повеќе да се потруди околу организирањето на оваа учебна година?
– Позитивните промени и реформите се можни само доколку бидат консултирани компетентни и докажани кадри од професијата. Доколку МОН беше добро организирано, а и почетокот на учебната година добро искоординиран, ќе започневме со функционална национална платформа за учење на далечина и наставниот процес ќе се одвиваше без тешкотии за наставниците и учениците. Сите се почувствувавме немоќни од нефункционалноста на националната платформа. Голем дел од училишната инфраструктура и техника не се функционални за реализирање на онлајн-наставата. Одговорните институции си ги префрлаа ингеренциите за организирање на учебната година. Притоа никој не направи анализа со какви проблеми се соочуваат семејствата, наставниците и учениците.
Имате интересна интернет-страница, а кај нас е реткост наставник да уредува своја страница или блог. Колку е важно еден наставник да обрнува внимание на својот професионален имиџ?
– Социјалните медиуми имаат исклучителна улога во давањето, примањето информации и промоција на работата на една личност, особено ако станува збор за едукатор. Секаде во светот добро презентирана информација во биографија и веб-страница се клучни за добивање на посакуваната работа или позиција во проекти и ова треба да биде пример во нашата држава.
Преку споделување добри практики, добиените признанија низ годините и објавените трудови го градам професионалниот имиџ. Моето наставничко портфолио може да се види на www.jovevski.mk и се надевам дека го следат голем број наставници, како да ги промовираат своите активности, достигнувања и размислувања за професијата. Секако, и факторите што ги креираат образовните политики треба да ги земат добрите примери и да ги вградат во создавањето на големата слика за образованието.
Наставникот Јовевски со министерката за образование и наука Мила Царовска
Вие сте одделенски наставник. Што Ве прави особено горд кога ќе сретнете Ваш некогашен ученик?
– Еден дел од учениците што сум ги учел се иселени од државата, но со тие што се тука или кога ќе се вратат во Крива Паланка на средбите секогаш се потсетуваме на убави моменти кои нѐ воделе во процесот на образование и дружење учејќи за животот. Моменти од периодот кога заедно ги поминувавме училишните денови. Во нашите разговори согледувам дека вредностите поставени од најмала училишна возраст во голема мера придонеле за градење здрави личности. Тие денес се успешни луѓе во многу професии, со свои семејства и секогаш со пријателска и опуштена комуникација со мене како нивен учител.
Проектни активности со своите ученици
912