Јасна Милкиќ, основач на групата и иницијатор на ваквиот повик, вели дека целта на овој ликовен конкурс е да се подигне свеста на јавноста за невидливата попреченост кај децата и возрасните и тоа на еден поинаков и креативен начин низ детската перспектива

Расте препознатливоста на сончогледот како заштитен знак за лицата со невидлива попреченост во општеството. Сè почестите иницијативи и креативни акции го будат интересот кај луѓето за значењето на овој знак и сè повеќе се приклучуваат во поддршката на овие лица.
Таков е и последниот организиран повик на иницијативата „Сончогледи кон сонцето за невидлива попреченост“, чија цел е да се мотивираат сите дечиња што сакаат да го искажат својот творечки ликовен потенцијал да нацртаат цртежи и со нив да учествуваат во ликовниот конкурс, наменет за сите дечиња од 4 до 11 години.
За децата со попреченост (скриена или нескриена) што сакаат да учествуваат во овој конкурс, нема ограничување во годините.

Оваа иницијатива засега дејствува само преку групата „Сончогледи кон сонцето за невидлива попреченост“ на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Јасна Милкиќ, основач на групата и иницијатор на ваквиот повик, вели дека целта на овој ликовен конкурс е да се подигне свеста на јавноста за невидливата попреченост кај децата и возрасните и тоа на еден поинаков и креативен начин низ детската перспектива.

– Да ја започнеме годинава со креативност и преку цртежи да ја подигнеме свеста за невидливата попреченост. Овој конкурс е наменет за развој на творечкиот потенцијал кај децата, нивно ангажирање за творечка работа, а исто така и за нивното размислување за невидливата попреченост. Темата на ликовниот конкурс е „Сончогледи кон сонцето за невидлива попреченост“, па децата треба да создадат цртеж на темата – сончогледи кон сонцето – вели Милкиќ.

Според иницијаторите, едно дете може да учествува само со еден цртеж, а цртежите треба се испраќаат на фан-страницата на „Фејсбук“ на оваа иницијатива, заедно со податоци (име, презиме, години на детето и контакт-телефон на родителот).
Форматот на цртежот не треба да биде помал од А4. Може да се користат различни ликовни техники (дрвени боички, фломастери, колаж, акварел, темпери, рециклирани материјали).
Добиените дела се објавуваат на фејсбук-страницата „Сончогледи кон сонцето за невидлива попреченост“.
При објавување на делото се објавува името на авторот и возрасната категорија.

– Гласањето ќе се одвива со кликнување на копчето „ми се допаѓа“ или другите емотикони што се на располагање. Коментарите и бројот на споделувања нема да бидат земени предвид. Гласањето ќе трае до 20 јануари годинава, кога ќе бидат прогласени победниците. Победник ќе биде цртежот кој ќе освои најмногу лајкови. Ќе бидат избрани три победници, прво, второ и трето место. За победниците се предвидени изненадувања. Мотивирајте ги вашите дечиња да изработат цртеж на оваа тема и запознајте ги со невидливата попреченост и значењето на сончогледите – велат од иницијативата.

Според Милкиќ, ова е и начин со симболот на сончоглед да се запознаат што повеќе луѓе, да се едуцираат и да ги препознаваат лицата по симболот на сончоглед што ќе го носат на себе и ќе им дадат предност, без да мора некому да кажат зошто и да се ставаат и себеси и некој друг во непријатна ситуација.



912

X