Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам две малолетни деца, машкото има 6,8 години, а девојчето е 4 години. Имам голема мака со машкото, тој е веќе прваче, а сѐ уште се заборава и се поткакува во гаќи. Тоа веќе почна многу да ме нервира и иако сѐ пробавме, ништо не помага. Во тоалет не оди по цела недела и кога ќе оди, тоа е со молење и карање бидејќи се плаши од шолјата затоа што има болки. Не знам што да правам, како да го натерам да седне на шолја?


ОДГОВОР: Процесот на одење во тоалет кај децата е поврзан со разделба. Навикнувањето да користи тоалет е процес кој вие некако или сте го избрзале или некаде во развојот се направил прекин. За да се направи навика, имајте многу трпение и разбирање, притоа уважувајќи го детето и да му дозволувате да погреши. Разговарајте со вашето дете за исфрлање на токсините од телото. Трудете се да не бидете престроги и преокупирани со проблемот. Доколку премногу го нагласувате проблемот, вашето дете ќе научи дека може да го има вниманието од целото семејство и да не оди во училиште.

Пристапете му на детето со топлина и избегнувајте да го споредувате со другите деца, да го критикувате и исмејувате. Кажувајте му дека верувате во него и во неговите успеси.

Направете навика и ритам со договор за одење во тоалет по голема нужда и имајте трпение. Стекнете навика за пофалување и така ќе му ги зголемите самодовербата и чувството за способност за извршената задача, а вашето дете ќе биде мотивирано. Преголемото критикување и казнување може да предизвикаат лутина и поголем отпор кај него. Децата, како и возрасните, имаат право на лоши и добри денови, за што треба да имате големо разбирање.
Обратете се и до матичниот лекар на вашето дете за да проверите и медицински колку може да се помогне.

Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.




912

X