Колку често се згрозувате од некој метод или реченица или постапка на вашите родители, или некои други луѓе од таа генерација кога станува збор за воспитување деца?

Нема да одговорите со „никогаш“ затоа што сите сме биле во таква ситуација, гледајќи со неверување што зборува таа личност, а потоа ги „поправаме“ работите со детето, мислејќи во себе како воопшто сме здрави денес кога сме слушале такви реченици и сме растеле со такво воспитување.

Да, понекогаш претеруваме, се разбира. Но, сето тоа некогаш е и интересно, иритирачко или смешно. Комичарката и писателка Тејлор Волф избрала да ѝ биде смешно, исто како и нејзината мајка. На нејзиниот инстаграм-профил објавила видео што го снимила со нејзината мајка, претставник на бумерите.

На видеото се гледа како бабата ѝ се обраќа на својата внука со која поминува време, а по секое упатство, реченица, забелешка се појавува нејзината мајка и ја поправа. Мајката застапува и се залага за нежно родителство, а бабата не е многу запознаена со таквиот пристап во воспитувањето, па сè кажува инстинктивно, како што веројатно правела со ќерката.

Додека малото девојче си игра на тобоганот, бабата вели „Внимавај“, на што мајката вели дека веќе не се кажува така, туку наместо тоа се вели: „Имаш ли некој план во врска со ова?“

Па бабата ѝ вели: „Ниту јас не го знам мојот план, дали ти го знаеш твојот план?“

Во следната сцена, бабата вели: „Престани да ја удираш сестра ти“, а мајката вели: „Не, не се престани, кажи само нежно“. Бабата зачудено прашува: „Нежно? Нежно што?“, на што мајката вели „Нежни раце“. „Нежни раце?! Што друго е нежно?“ прашува бабата, а мајката едноставно одговара – „Сè е нежно“.

Еве уште неколку упатства на мајката:

Баба: „Толку сум горда на тебе.“

Баба: „Еј, побрзај! Мора да одиме!“

Мајка: „Не, не, не брзај ја. Сѐ е во ред“.

Баба: „Но јас мислев дека доцниме“.

Мајка: „Ако ги брзаш децата, тоа ги прави вознемирени. Не брзај, сѐ е во ред“.

Баба: „Па, што да кажам?“

Мајка: „Нежно“.

Баба: „Браво, добро си го направила тоа!“

Мајка: „Добар избор“.

Баба: „Благодарам“.

Мајка: „Не, ти речи добар избор“.

Баба (додека внуката е на тобоган): „Внимавај!“

Мајка: „Не – туку, дали се чувствуваш сигурно?“

Баба: „Не се чувствувам сигурно поради овие глупости!“

Бабата дефинитивно ги освоила срцата на многумина! Некои се изјасниле дека сакаат маици со натписи од изјавите на бабата, а хит за многумина е реченицата: „И јас немам план! Имаш ли ти план?“, со коментар – „не, никој од нас нема план“.

Клиничкиот психолог Ашурина Реам го споделила видеото на нејзиниот профил на „Инстаграм“, а подоцна ја изјавила познатата реплика:

-Смешно е затоа што е вистина. Тоа само нагласува колку е невозможно родителството овие денови со нереални очекувања и како имаме пристап до толку многу информации. Глупаво е кога го гледаме како сатиричен клип – но тоа е вистина.

Со тоа таа утешила многу родители:

-Во идеален свет, не се вели „Побрзај“ секое утро, цело утро, нели? Но, ние живееме надвор од овој вакуум на социјалните медиуми каде што треба да одиме на работа, каде што треба да ги облечеме нашите деца и да излеземе. Едноставно не можеме сè да направиме да изгледа како игра кога немаме доволно ресурси, кога сме недоволно ценети и се мачиме, па ако му кажете на вашето дете да биде внимателно или дека направило добра работа или дека сте горди на него – не значи дека ќе го оштетите.

Во секој случај, ова видео е добар потсетник дека секој треба да го прави она што му одговара со детето и дека не треба да ја слушате секоја препорака на современите гуруа на социјалните мрежи, туку да го приспособите вашето воспитување на себе и на вашето дете.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X