Додека се чека истрагата за тоа што всушност се случило во „Буба мара“, разговаравме со експерти за тоа дали и како смеат да се казнуваат децата во градинка, но и како несоодветните казни влијаат врз децата?

Мајката Марија Георгиева-Павловски обвини дека нејзината тригодишна ќерка се плаши да оди во градинката „Буба мара“ во скопската населба Ново Лисиче бидејќи негувателките ги затворале децата во шкаф, ги заплашувале, но и физички ги казнувале. Ова не е единствен случај на сомнеж за несоодветно или опасно однесување на вработени кон децата во градинка. Последните месеци имаше неколку. Додека се чека истрагата за тоа што всушност се случило во „Буба мара“, разговаравме со експерти за тоа дали и како смеат да се казнуваат децата во градинка, но и како несоодветното однесување влијае врз децата?

Казна и дисциплина не е исто

Според Кирил Барбареев, професор по Предучилишна педагогија на Факултетот за образовни науки во Штип, во детските градинки не треба да се казнуваат децата. Тие треба да се дисциплинираат.
– Мислам дека во нашето општество не се прави разлика меѓу казна и дисциплина. Истражувањата покажуваат дека физичкото казнување и заплашувањето на децата со страшни работи сериозно влијаат врз формирањето лоша слика за себе. Детето преку пораките на другите луѓе учи како тие го гледаат и така го гради својот идентитет. Затоа, кога родителите и другите луѓе од неговото опкружување кои му се важни често физички го казнуваат и му зборуваат дека е лошо, дека не е умно, дека не е здраво, не е паметно, не е способно, не е талентирано…, детето почнува навистина да верува дека е такво – вели професорот.
Целта на секое добро родителство и воспитување е да му помогне на детето да израсне во самостојна, одговорна и социјализирана личност.
– Одговорноста на детето кон себе и кон другите не е способност која се активира во моментот кога тоа ќе наполни осумнаесет години, тука се гради во еден постојан и постепен процес кој започнува многу рано – веќе од втората година – дополнува тој.
Воспоставувањето на одговорноста кај децата, според Барбареев, нужно е поврзано со конфликтот помеѓу детето и родителот, односно воспитувачот. За децата да научат што е одговорност, родителите мора да им наметнат одредена должност, обврска.

Фото: Колектиф Прес

Како правилно се постапува

– При несоодветно однесување детето треба да се дисциплинира преку тоа што ќе се ориентираме на неговото однесување, а не на личноста на детето. На пример, ако детето користи погрдни зборови за друго дете, треба да му кажеме: „Тоа се лоши зборови, грди зборови, не смееш да ги користиш тие зборови“, а не „Ти си многу лош, ќе те казнам да не си играш“ – вели професорот.
Тој смета дека е потребно многу стереотипни принципи на воспитување, како што се наградите и казните, принудата, позитивното условување, да се заменат со начини на трпеливо разбирање и објаснување, со создавање граници, со простување и поправање на детските грешки.
– Детето мора да чувствува дека е многу сакано, но и дека родителите и воспитувачите се тие што ги поставуваат границите. Тука некаде е можеби формулата за успех – додава Барбареев.

Може да се појават сериозни проблеми

М-р Лидија Зорба, психолог, вели дека несоодветните постапки доведуваат до отпор кон одење во градинка или школо, нарушување на спиењето, мокрење во сон, гризење нокти, нарушување во исхраната…
– Родителите ќе забележат што се случува, а може да не се свесни зошто се случува тоа, да не знаат дали да им веруваат на децата. Доколку се посомневаат дека има проблем со нив, треба да разговараат низ игра, цртање. Треба многу внимателно да се испита дали она што го кажува детето е навистина така – вели Зорба.
Казнувањето за некои деца ќе биде лесно минливо. Но што доколку детето е чувствително?
– Кај него може да се појават сериозни проблеми. Луѓето што работат во образование мора да имаат тековни обуки. Психички е тешко да се работи со деца на таа возраст и затоа се неопходни континуирана едукација и проверки на знаењата и способностите – објаснува Зорба.



912

X