Резултатите од тестирањето, за почеток како пилот-тестирање на 4.000 третоодделенци, ќе им служат на надлежните да го мерат квалитетот на знаења што ги добиваат учениците, односно врз основа на нив да прават анализи кои ќе покажат каде треба да се подобрува системот. Деталите допрва ќе бидат објаснети

Во Македонија од идниот месец почнува национално тестирање во основните училишта. Целта е да се проверат знаењата на учениците-основци по математика и по јазик, а резултатите ќе им служат на надлежните да ги детектираат и поправаат слабите страни, вели за Деца.мк, Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар.

Резултатите нема да влијаат врз успехот на учениците, ниту, пак, врз наставниците

Наумовска вели дека оваа новина, нема никаква врска со екстерното тестирање кое беше укинато пред неколку години, откако претходно беше дел од образовниот систем.
– Првпат ќе имаме пилот-национално оценување со кое ќе вршиме проверка на знаењата за јазични и за математички вештини на учениците од основно образование. Ќе почнеме по 15 април, и тоа со учениците од трето одделение. Во пилот-тестирањето ќе учествуваат околу 4.000 ученици од училишта низ државата, избрани по случаен избор, а кои учат и на македонски и на албански наставен јазик. Резултатите нема да влијаат врз успехот на учениците, ниту, пак, на наставниците, како што беше случај со екстерното тестирање – информира Наумовска.

Елизабета Наумовска

Ќе се прават анализи

Таа појаснува дека овие резултати ќе бидат основа за понатамошни промени во системот.
– Нам, како централна институција, овие резултати ќе ни служат за да го мериме квалитетот на знаења што ги добиваат учениците. Периодов се крои образованието, има нова концепција, па затоа е важно кога ќе се креираат наставните програми, да знаеме каде да се стави акцент, дали има потреба, на пример, од обуки за наставници и слично. Ќе правиме анализи кои ќе ни покажуваат каде треба да се подобрува системот. Резултатите од националното тестирање ќе ни бидат индикатор. Исто така, целта е и кога ученик ќе се тестира на меѓународни тестирања, и таму да покажува подобри резултати – вели Наумовска.
Деталите за тестирањето ќе бидат објаснети дополнително, додава таа.

Пред да се укинат, екстерните тестови беа дел од образовниот систем неколку години едноподруго. Многу експерти ги оценија како добра идеја, која доживеа слаба реализација. Резултатите, односно оценката од екстерните тестови влегуваше во свидетелствата, а влијаеше и врз општиот успех на учениците, а оценките влијаеја и врз наставниците бидејќи се споредуваа со оние оценки што тие им ги пишуваа на учениците во текот на учебната година. Имаше предвидено казни за оние што необјективно оценуваа, односно за оние кај кои имаше отстапувања од две и повеќе оценки, но подоцна казните беа тргнати од законот. Имаше предвидено и награди за најобјективните оценувачи, но немаше наставници наградени за објективноста.



912

X