Контролирајте ја висината на вашето дете барем двапати годишно. Контролата на висината не значи детето да биде измерено и да добиете нумерички број. Барајте од матичните педијатри и семејни лекари да ги внесат добиените сантиметри во перцентилната табела која покажува до каде е висината на вашето дете во однос на очекуваната нормална висина за неговата возраст, вели професорката Марина Крстевска-Константинова, специјалист-ендокринолог од Универзитетската клиника за детски болести

Висината на децата не е само бројка на метарот, туку сериозен показател кој укажува ако нешто не во ред со нив. Лекарите предупредуваат дека многу медицински причини можат да влијаат врз растот кај детето. Најчесто нарушувањето на растот е најраниот симптом кој открива многу медицински патолошки состојби што се во заднина.

Соодветно лекување

Според Александар Петровски, претседател на Здружението „Раст“, доколку нарушувањата на растот кај некое дете се препознаени навреме, тие можат да бидат соодветно лекувани.

– Генерално децата многу доцна се препратени кај соодветен лекар – специјалист педијатар ендокринолог за подетална анализа и точна дијагноза. Родителите најчесто се загрижуваат за висината кога децата се веќе во понапредна возраст, во повисоките одделенија во основното образование и кога висината е многу важна во рамките на целокупниот физички изглед. Во таа возраст тие веќе сами посветуваат поголемо внимание и поставуваат прашања во врска со нивниот раст. Со оваа состојба не се соочуваат само децата во нашата земја, туку тоа е глобален проблем на кој здруженијата за ендокрини заболувања на интернационално ниво се обидуваат да стават посебен акцент и да го доближиме до целата популација, родителите, старателите. Сакаме да укажеме и да ги посетиме дури и здравствените работници дека сантиметрите, покрај другите показатели, се нешто што заслужува посебно внимание во текот на нивната работа, независно дали се превентивни или поинакви прегледи. Сакаме да укажеме дека пресцентилните табели треба да бидат нивна секојдневна алатка – вели Петровски.

 

Терапијата не се прекинува

Постојат деца што не добиле можност да почнат со терапијата и чекаат да почне лекувањето.

– Тие чекаат да се ослободи место од децата кои веќе ја примаат потребната терапија. Времето на чекање е различно. Специјалистите можат повеќе да зборуваат од стручен аспект, но потврдено е дека најдобри резултати се постигнуваат кога дијагнозата ќе биде поставена навреме и кога неопходната терапија ќе почне во раните години од претшколска возраст. Нашето здружение постојано се ангажира со одговорните институции да најдеме решение за да можат и новите пациенти да добијат терапија навреме и да имаат право на избор на терапија, како што е во најголем број земји во светот. Бидејќи терапијата со хормон за раст не смее да биде прекината и пациентот мора да ја прима 365 дена во годината, со години. Децата ја примаат навечер, пред спиење, а тоа може да трае и десет години – објаснува Петровски.

Обрнете внимание на децата

Професорката Марина Крстевска-Константинова, специјалист-ендокринолог од Универзитетската клиника за детски болести, ги советува родителите и старателите да обрнат внимание на висината на своите деца зашто таа е показател на нивното целокупно здравје.

– Постојат многу медицински причини што можат да влијаат врз растот кај детето. Во основа, нарушувањето на растот многу често е најраниот симптом кој ни разоткрива многу други медицински патолошки состојби. Контролирајте ја висината на вашето дете барем двапати годишно. Контрола на висината не значи детето да биде измерено и да добиете нумерички број. Барајте од матичните педијатри и семејни лекари да ги внесат добиените сантиметри во перцентилната табела, која покажува до каде е висината на вашето дете во однос на очекуваната нормална висина за неговата возраст. Раните знаци можете и вие како родители и старатели да ги процените едноставно и сами. Доколку забележите дека детето носи ист број облека подолго од една година, пониско е од неговите врсници, консултирајте се со лекар – вели таа.

Позитивни резултати

Растот и висината на детето не смеат да бидат занемарени бидејќи тие не се само математичка димензија. Решение може да се најде само ако детето е испратено кај педијатрите-ендокринолози за навремена дијагноза.

– Доколку се сомневате, подобро е да се консултирате со нас навреме отколку да се изгуби драгоцено време. Нарушувањата на растот можат многу успешно да се лекуваат. Оваа порака не ја упатувам само до родителите, туку и до моите колеги педијатри и семејни лекари. Со терапијата со хормон за раст постигнуваме одлични резултати, но резултатите се добри само доколку се почне со терапијата навреме. Важно е децата да се лекуваат континуирано. Не смее да има пауза во лекувањето. Лекот мора да се прима секој ден, секоја вечер пред спиење. Многу е важно да нема промена во видот на хормонот за раст. Потребен е континуиран третман со ист вид лек. Безбедноста на децата е нашиот постојан и прв приоритет. Нашето 25-годишно искуство со оригинални лекови кај оваа група деца ги потврдува нашите позитивни резултати. Мораме сите да запомниме дека висината на детето не е само број. Сантиметрите зборуваат за метаболизмот, за здравјето кај вашето дете. Следете ја висината кај вашите најмили и алармирајте навреме доколку се сомневате дека не е во нормални граници – вели Крстевска-Константинова.



912

X