Односот со мајката е еден од најтрајните емоционални односи што ги остваруваме во животот, полн со поддршка и блискост, но истовремено и предизвикувачки, преполн со турбуленции и очекувања, неретко зачинет со замерување и непростување, како и чувство на отфрленост. Мајката е првиот извор од кој црпиме љубов и ако тој однос не функционира, тоа за детето може да биде траума која ќе ја носи низ целиот живот. Многу жени, а меѓу нив и многу познати дами, признале дека најмногу им влијаеле токму нивните мајки, кои во многу нешта ги одредиле нивните животни избори.
Така, на пример, поранешната прва дама на САД и првата Афроамериканка во таа улога, Мишел Обама, сите свои заслуги ги припишува на односот со нејзината мајка Мариен Шилдс Робинсон. „Ништо не би постигнала без тебе, мамо. Ти си мојот пример. Ти си извонредна жена иако секогаш велиш дека тоа што сум денес нема никаква врска со тебе. Тоа е како да сакаш да ми кажеш дека сум се воспитала самата“, вели за неа авторката на мемоарите „Мојата приказна“, со која освои многубројна читателска публика. А ниту нив не би ги имало да не била нејзината мајка, нејзините родители…„Мојот татко Фрејсер ме научи дека во животот треба внимателно да се работи, често да се смеете и да се држите до својот збор. Мојата мајка Мариен ме поучи, пак, како да се мисли со својата глава и да се изборам за она што ми значи“, вели Мишел.

Психијатрите и психолозите често говорат за влијанието на мајката врз психичкиот развој на детето. Квалитетот на емоционалната врска помеѓу мајката и детето го одредува и подоцнежниот однос кон самиот себе, но и кон светот околу себе. На самиот почеток мајката и детето претставуваат единство во кое детето е апсолутно зависно од мајката. Експертите велат дека она што детето го гледа во очите на својата мајка е самото тоа. Мајката е како огледало кое емпатиски се рефлектира на различните детски расположенија и на тој начин го воведува детето во неговиот внатрешен свет. Она што мајчиното лице го искажува, му дава на детето потврда за неговото постоење.
И во текот на растењето мајката го обликува нашиот идентитет по пат на емоции, пораки и однесување што го дефинира нашиот однос со другите. Тоа е голема одговорност која е поставена пред мајките. Родителството и воспитувањето некогаш изгледаат како наједноставни работи на светот, но всушност се најодговорните животни улоги кои ги очекуваат повеќето луѓе, особено затоа што е толку силна врската што никогаш не престанува, дури ни по смртта на мајката.
Актерката, режисерка и хуманитарка Анџелина Џоли смета дека никогаш нема да биде доволно добра како нејзината покојна мајка Маршелин Бертранд. „Беше извонредна личност, толку несебична и една од оние многу драги луѓе што сакаат да прават добро за другите. Јас никогаш нема да можам да бидам толку добра мајка или личност како што беше таа“, рекла Џоли и на некој начин потврдила дека и по смртта на мајката несвесно го бараме нејзиното одобрување за своите постапки. Но, односот на мајката и детето обично не е нималку идиличен. Тоа е однос кој не можеме да го ставиме под тепих бидејќи ако не се обидеме да ја разбереме и прифатиме својата мајка таква каква што е и ако не создадеме однос на доверба, секогаш ќе се сопнуваме на него. Важно е притоа да се знае и дека конфликтот помеѓу мајката и ќерката не мора да биде нешто лошо, може да биде шанса за трансформација на односот. Мајката и ќерката во рамките на конфликтот имаат шанса да се приспособат една на друга. Веруваме дека постојат безброј убави зборови кои може да ѝ ги кажете. Почнете од „мамо, те сакам“. И тоа е еден многу важен дел. Многу е важно да ѝ кажеме на мајката:
„Благодарам, мамо, што ме одгледа, простено ти е сè што можеби не било идеално и те сакам безусловно“.

Со освестување и кристализирање на нашиот однос со мајката, сме направиле голем чекор за идниот однос со нашето дете. Учиме од грешките и учиме цел живот. Им пренесуваме мудрости на своите деца. Нашата мајка својот дел од животниот циклус го исполнила, штафетата е пренесена, одговорноста е сега на нас. Нашите деца ќе бидат благодарни, а нашите деца се наша радост, светлина и иднина.
Токму тоа, голема благодарност кон својата мајка чувствува и музичарката Бијонсе, која не открила дали таа и Тина Ноулс имале некакви конфликти. Но, сигурна е дека токму нивниот однос е оној кој сака да го оствари со својата ќерка Блу Ајви Картер.
„Драга мамо, сè што денес сум е заради тебе. Ти си првата личност што некогаш ми запеала. Постојано ме тераш да бидам подобра. Ме учиш да бидам искрена кон самата себе и кон оние што ги сакам. Кога ќе те погледнам в очи, многу сум горда. Сега, кога и самата сум мајка, навистина гледам колку си жртвувала за нас. Мојата љубов кон тебе не може да се опише со зборови. А мојата ќерка, таа всушност ме запозна со самата себе… мајка ми и јас бевме блиски и секогаш се молев баш таков однос да имам со својата ќерка“, вели Бијонсе.

И младата манекенка и модел Каја Гербер за својата мајка Синди Крафорд има само убави зборови. „Таа ме учи да бидам љубезна, точна – сите што ја познавате знаете колку е точна – и да се заземам за себе. И кога ќе размислам подобро, зарем не се тоа трите работи на кои секоја мајка треба да ја научи својата ќерка?“, вели таа.
Пејачката и актерка Селена Гомез, чија мајка Менди Тифи ја родила кога била тинејџерка, денес многу го цени сето она што таа го направила за неа, иако не ѝ било лесно.
„Мајка ми секогаш беше тука за мене. Ме родила на 16 години и имала голема одговорност. Се одрекла од сè заради мене, работела 3 работи, ме одгледувала и го жртвувала својот живот за мене“, рекла таа, а слична приказна за својата мајка раскажала и актерката Блејк Лајвли.
„Мојата мајка беше личност која жонглираше со сè. Имаше сопствена кариера и одгледуваше 5 деца, беше навистина супержена. Никогаш не беше задоволна да работи само едно нешто… веројатно имаше премногу енергија. За мене тоа беше многу важно, бидејќи и самата секогаш чувствував дека тоа е нешто што најдобро го знам“, вели за својата мајка Илејн Лајвли.
И Гвинет Палтроу од својата мајка Блит Дајнер, исто така актерка, прифатила многу вредни работи. „Ме научи многу за тоа што значи да се биде жена која не се плаши да биде креативна и изразена и која ги канализира својата сила и енергија, што таа секогаш го правеше на толку елегантен и грациозен начин“, вели Гвинет.

Актерката Џенифер Анистон кај својата мајка Ненси Доу секогаш ја ценела искреноста, особината која ѝ ја всадила.
„Се сеќавам дека кога имав 7 години, ја прашав мајка ми дали сум убава како Моник, мојата најдобра пријателка од одделението. Таа само ме погледна и ми одговори: – Ох душо, колку си смешна. Значи, никогаш не ме лажела, би ми одговорила на прашањето не одговарајќи на него, па ми кажувала што мисли дека е мојата најголема сила“, открива славната актерка.

А токму таков пријателски однос со својата мајка Дорија Рагланд има и Меган Маркл. „Ние две кога сме заедно, толку добро се забавуваме. Во неа секогаш пронаоѓам утеха и поддршка. Нашиот однос би можел да се опише како однос помеѓу две најдобри пријателки“, рекла војвотката за односот за кој многу мајки би сакале да го остварат со своите ќерки.
Но, ако вашиот однос со мајката не е ниту пријателски ниту идиличен, важно е да се препознаат причините зошто е така. Во тој случај да ѝ простиме на нашата мајка, бидејќи ние сме нејзина слика и прилика, можеби несовршена, но секако резултат на нејзиниот труд и процес на одгледување, кој е сè – само не лесна работа.