Иако бракот често се смета за доживотна обврска, сè повеќе парови над 50 години одлучуваат да се разведат. Според истражувањето објавено во „Журнал за геронтологија“, процентот на таканаречените „сиви разводи“ се зголемил од 8,7 % во 1990 година на 36 % во 2019 година.
-Голем дел од овие разводи се случуваат кај членовите на генерацијата беби-бумери – објаснува Сузан Браун, професорка по социологија на Универзитетот „Боулинг Грин“.
Таа го поврзува овој тренд со таканаречената „револуција на разводот“ од 70-тите години, кога разводот станал општествено поприфатлив и правно подостапен. Во исто време, жените добиле повеќе права и финансиска независност, што им овозможило да ги напуштат несреќните бракови.
Друга причина за зголемувањето на сивите разводи е фактот дека луѓето живеат подолго.
-Останувањето во несреќен брак со децении е помалку привлечно кога постои можност за нов почеток. Покрај тоа, жените во подоцнежните години честопати преземаат поголем товар на грижа за болен партнер, што може дополнително да го оптовари бракот – вели Браун.
Разводот во 50-тите години и понатаму носи посебни предизвици, и емоционални и финансиски.
-Колку подолго сте со некого, толку е потешко да се разделите – објаснува Браун.
Сепак, разводот може да ја отвори вратата кон слободата и личниот раст.
-Ова може да биде можност да се запрашате кои сте сега и што сакате во следното поглавје од вашиот живот – вели терапевтот Лиса Мари Боби.
Како полесно да го пребродите сивиот развод?
Експертите советуваат дека првиот чекор е да изградите мрежа за поддршка.
-Опкружете се со луѓе кои ви посакуваат добро – пријатели, семејство, дури и нови познајници. Докажано е дека социјалните врски помагаат против чувството на осаменост и депресија – вели Боби.

Друг важен чекор е финансиското планирање. Ако разводот драматично ги променил вашите приходи, побарајте помош од финансиски советник или бесплатни образовни ресурси.
Третиот совет се однесува на психолошкото здравје. Терапевтот може да ви помогне да се справите со чувството на загуба и несигурност и да изградите нови модели на самодоверба и позитивно засилување – видот на поддршка што некогаш сте ја добивале од вашиот партнер.
На крајот на краиштата, планирањето за иднината може да донесе чувство на слобода наместо страв.
-Секој заслужува среќа, а бракот не е единствениот пат до неа – заклучува Боби.
Автор: Горан Ивановиќ