Најпосакувано сценарио за нас е целосно да се нормализира наставата од претстојната учебна година, велат надлежните во Министерството за образование и наука. Прашавме што може да очекуваме од 1 септември со оглед на фактот дека сè уште нема одлука за тоа дали ќе се отворат училиштата и што државата прави за да се подготви за новата учебна година.

– Ние сакаме да се спроведува воспитно-образовниот процес како и до пред појавата на пандемијата. Друга опција е реорганизација на процесот преку редуцирање на бројот на ученици во училница, а исто така се размислува и за воведување смени во училиштата – информираат кусо од МОН.

Државата преку оваа институција објави нацрт-верзија на концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во Македонија. Во документот јасно стои дека пуштањето во употреба на електронската платформа за учење е предвидено за септември 2022 година, за кога е предвидена и изработка на е-содржини, додека набавката на ИКТ-опрема и образовен софтвер за користење ИКТ во согласност со стандардите е предвидена за 2025 година. Откако се објави, концептот наиде на бурни реакции во јавноста. Родителите и наставниците реагираат бидејќи на еден и пол месец до почетокот на новата учебна година МОН нема изградено систем за онлајн-образование, национална е-платформа за учење за основното и средното образование.

„Ги осакативме децата“, „Ништо не научија“, „МОН спие“… Наставници и родители се бесни откако сфатија дека нема да има национална платформа за е-учење од септември

– Овој концепт би бил применлив не само во кризни ситуации како актуелната предизвикана од појавата и ширењето на Ковид-19, туку и во секоја друга пригода кога за еден, повеќе или за сите ученици ќе има потреба да се организира далечинско учење доколку не посетуваат настава во училиште од каква било причина. Така што, изработката на овој документ не значи дека новата учебна година ќе започне и ќе се реализира исклучиво преку далечинско учење. Но, ние уште сега, преку еден инклузивен пристап на креирање решенија се подготвуваме за постапување при секое евентуално сценарио, вклучително и за настава од далечина доколку ситуацијата го наложи тоа – објаснуваат во Министерството.

Инаку, МОН и Бирото за развој на образованието, со поддршка од канцеларијата на УНИЦЕФ и Реактор –Истражување во акција, спроведуваат истражување во основните и средните училишта поврзано со здравствената криза и Ковид-19 што, во голема мера, влијаеше на начинот на кој се реализира воспитно-образовниот процес во нашата земја.



912

X