За малите деца, летањето со авион може да биде предолго, досадно и стресно. Нивните родители мора да имаат целосен план за патување и да го осмислат секој момент, внимателно да планираат време за дремки и оброци, како и да ги донесат најдобрите извори на забава за детето, кои не ги вознемируваат другите патници. Целта е детето што помирно да го издржи патувањето.

Со сиот труд на родителите, понекогаш има итни случаи каде што е тешко да се најде добро решение. Едно дете на летот од Дубаи до албанскиот град Тирана било многу вознемирено. Она на што родителите не сметале е помошта од другите патници, која навистина била од корист. Видеото, снимено од радиоводителот Парикшит Балочи од Дубаи, е објавено на „Тик-ток“ и досега е прегледано повеќе од 7 милиони пати. На него е прикажано вознемирено момче кое го држи маж, веројатно неговиот татко, додека сите патници учествуваат заедно во изведбата на песната „Baby shark“. Тие пеат и плескаат, а момчето се смирува.

Балочи рекол дека детето седело до него и постојано плачело. „Луѓето што седеа во близина се обидоа да му го одвлечат вниманието, но кога ништо не успеа, група луѓе, вклучително и јас, почнаа да ја пеат Baby shark, па и другите патници се придружија“, рекол тој.

Оваа детска песна стана вирална сензација откако беше објавена во 2016 година. На „Јутјуб“ е прегледана повеќе од 10 милијарди пати, што го прави видеото најгледано на сите времиња.

Извор



912

X