Стравот е поголем кај мајките и татковците кои не знаат зошто нивното дете кашла и се задушува

Малите дечиња имаат навика сè да ставаат в уста. До својата прва година тие го осознаваат светот преку сетилата. Поради тоа, што и да видат, мора да го допрат, мириснат, па дури и да пробаат дали нивните играчиња имаат вкус. Доколку ги проголтаат, малите предмети во текот на 24/48 часа ќе поминат низ органите за варење и детето може да ги исфрли преку изметот. Ако се со остри рабови, треба да се побара лекарска помош. Една од ситуациите што бараат итна посета на лекар ако детето вдише туѓо тело и не може да го искашла, а тоа заглави во душникот или во други органи за дишење, станува збор за ургентна состојба што бара итна помош.
– Родители раскажуваат: „Сите бевме дома, ама ете ставило семка во носето“. Несреќа може да се случи за секунда и не е нивна вина. Знам дека секој внимава на своите дечиња – раскажува д-р Светлана Смугреска, педијатар кој работи во примарно здравство.
Предметите што децата најчесто ги голтаат или ги ставаат во носот, а потоа и ги вдишат можат да бидат од органско и од неорганско потекло.

– Семките од лимон, портокал, гравче, ориз се посериозни и животозагрозувачки оти набабруваат под дејство на плунката. Ако ставиш семка во вода, ќе почне да ‘рти, нели? – вели д-р Смугреска.
Неоргански предмети се парче од играчка, пластика, железна паричка.
Таа појаснува дека нашето тело само почнува да се заштитува во вакви ситуации затоа што добива порака дека во организмот влегло туѓо тело.

Родителите може да се посомневаат на вдишан предмет по интензивното кашлање, јака вознемиреност, цијанотични промени околу устата, глад за воздух. Доколку се превиди оваа фаза, тогаш пациентот влегува во латентна или фаза на мирување, која трае од неколку седмици до неколку месеци, за потоа да заврши во терминална фаза на трајно оштетување на дишното стебло со појава на белодробен апсцес или бронхиектазии за кои е потребна и хируршка интервенција.

Што да направите ако детето голтнало дел од лего-коцка или ставило леблебија во носето?

Кога нема да успеат да го извадат предметот или зрното храна што го голтнало детето, родителите мислат дека отишло во желудникот и дека детето ќе го исфрли. Тоа е најчеста причина што не го носат веднаш на лекар, зборува од лично искуство нашиот соговорник.
Сепак, таа смета дека мора да се посети најблиската амбуланта или ургентен центар за да се утврди дали е сè во ред.
Тие што знаат дека детето играјќи голтнало нешто што било на подот, бараат веднаш да се направи рендген-снимка.
Во практика се покажало дека паниката и стравот се поголеми кај мајките и татковците кои не знаат зошто нивното дете кашла и се задушува.
– Ми се случило да дојде мајка и да каже дека не е свесна што се случува со нејзиното бебе… Претходно чистела боранија и зрнце паднало од масата. Бебето лазело долу и од играчка-плачка, помодрело затоа што не можело да дише – вели д-р Светлана.
Најважно е родителите да останат смирени и да се обидат да му помогнат на детето.

Што не смеете никако да направите:

Како мерки за помош во ваква ситуација таа ги издвојува:

1. Свртете го вашето дете настрана, држејќи го за нозете, и тапкајте го по грбот. По некое време, кашлајќи, може да го исфрли тоа што му предизвикало задушување!

2. Хајмлихов маневар – двете раце ги ставате околу половината, правите тупаница со едната рака, а со другата правите движења нагоре од стомакот, со овој зафат се прави притисок во градниот кош и во 50-70% од ваквите случаи има успешен исход.

Што во никој случај да не правите во ваква ситуација?
– Не треба да се обидувате со прсти да го дофатите она што се заглавило во дишните патишта, така само повеќе може да се влоши состојбата затоа што детенцето ќе плаче, ќе вика и оштетувањето на белите дробови и на дишните патишта ќе биде поголемо – советува докторката.
Исто така, таа нагласува дека Македонија има потреба од педијатри-едукатори затоа што нивна главна задача е да едуцираат!



912

X