Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Синот (14 години) од пред две години е многу агресивен, и во однос на нас, родителите, и во однос на неговата сестра. Не прифаќа никаква забрана, особено за компјутер. А повеќето од времето го минува играјќи на компјутер. Редовно разговараме, но никогаш не наоѓаме разбирање. Доколку преземеме некоја мерка, како прекинување на интернет, станува неподносливо. Во тој случај ни возвраќа со непослушност, одбивање да учи и слично. Очајни сме, не успеваме да се справиме.
Секогаш кога разговарам, претпочитам со убаво да му објаснам, на пример, дека компјутерот треба да го користи умерено затоа што како прво има проблеми со видот, носи очила, и може да го влоши. Прво ќе прифати, но нема да го исполни прифатеното. Но ако му дадеме забрана, почнува да плаче, па да докажува дека сите деца играат како него, ќе се допишува со другарите и слично. Пробува на секој начин да се укине забраната. Ако не му ја укинеме забраната, однесувањето преминува во агресија. Доколку му дозволиме да игра на пример еден час, го злоупотребува тоа кога не сме дома или не го гледаме. Јас не би сакала да го притискам, но понекогаш не ми дава избор. Навистина ми треба совет.
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Да се биде родител на тинејџер, воопшто не е лесна работа. Поминувајќи низ еден интензивен процес на растење и трансформација од дете кон возрасен, тие на моменти се толку возрасни, а на моменти толку деца. Оваа трансформација кај повеќето тинејџери е проследена со интензивни чувства и обиди за самоспознавање, а често пати не можејќи да се разберат самите себе, имаат чувство дека никој не ги разбира.
Тинејџерите не се деца, па не можете да ги третирате како деца, но не се ни возрасни, па не можете да ги третирате ни како возрасни. Мора да најдете некој среден начин, а бидејќи секој тинејџер е приказна за себе, мора да најдете начин што ќе одговара специфично за вашето дете, што не е лесна работа.
Ивана Маринчек, психолог и психотерапевт
Од она што ми го напишавте добив впечаток дека често пати во лутината на вашиот тинејџер ќе му поставите забрани кои потоа не можете да ги додржите, па ги повлекувате. На овој начин само правите полошо бидејќи му давате до знаење дека ако е доволно упорен, на крајот ќе попуштите и пак ќе биде по негово. Често пати родителите прават грешка што границите ги поставуваат кога се лути, па кога лутината ќе помине, поминува и рокот на траење на границата, независно дали е во облик на казна или на некое ново правило. Како очекувате вашиот тинејџер да ги почитува овие граници и да ги сфати сериозно доколку вие не сте спремни да ги почитувате и не ги сфаќате сериозно? Доколку продолжите во оваа насока, многу лесно можете сами да си го поткопате сопствениот авторитет пред детето.
Водете сметка и за тоа дека за многу тинејџери бунтувањето против возрасните авторитети (првенствено родителите и наставниците) е потребно за да го пронајдат својот глас, својот став и конечно својот авторитет. Ова е здрав процес, но неопходно е да биде насочен и канализиран на начин што ќе го повика и поддржи тинејџерот да биде одговорен за себе, своите одлуки и своите постапки.
Бидејќи тинејџерот е во премин од дете во возрасен, неопходно е и границите што ќе му ги поставите да бидат соодветни, да овозможуваат доволно слобода и да го уважуваат неговото растење и зреење, но притоа да бидат јасно насочувачки, т.е. точно да одредуваат што е прифатливо, а што не е, во форма на обврски и привилегии, награди и казни.
Седнете заедно и разговарајте за ова, одредете правила кои повеќе или помалку ќе бидат прифатливи за двете страни. Бидете спремни дека некаде тешко ќе се најдете, па неопходно ќе биде да пронајдете некаков компромис. Како расте детето, така растат и неговите обврски и очекувањата, кои родителите и околината ги поставуваат кон него. Но, истовремено со зголемената одговорност треба да растат и привилегиите на детето. Не можете да очекувате да се однесува како возрасен, а да го третирате како дете.
Разговарајте заедно и одредете кои се неговите обврски, т.е. што се очекува од него, но разговарајте и за тоа што тој би сакал да добие за возврат. Тоа може да биде поголем џепарлак, подолго време за излегување или нешто слично. Што и да е, важно е да биде во рамките на можностите на семејството, т.е. да биде во границите на реалното. Договорете што може да му понудите како награда за одредено нешто кое сакате да го постигне (на пример, одреден училиштен успех на крајот од годината или нешто слично). Самото тоа што ќе знае што ќе добие може да биде силна мотивација која ќе го стимулира да се залага повеќе. Исто така, заедно одредете и казни за непожелните однесувања. Доколку казната му е позната, прво може да биде добра превенција која ќе го одвраќа нештото да го направи, а второ доколку непожелното однесување сепак се случи, ќе биде многу поприфатлива кога ќе биде доделена (што не значи дека во прв момент нема да проба да се бунтува против истата). Но откако првичниот бунт ќе помине, полесно ќе ја прифати, а вие ќе можете да посочите дека тоа е нешто што заедно сте го договориле, т.е. нешто на кое тој се согласил. На овој начин ќе му помогнете на вашето дете да сфати дека сè што правиме или што не правиме има некакви последици за нас. На овој начин вие му помагате да научи да биде поодговорен за себе и сопствените избори во иднина. Она што е многу важно е да го почитувате она што заеднички ќе го договорите и да не отстапувате од тоа, бидувајќи му позитивен пример за вашето дете.
Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Фото: Борче Поповски
912