Сингапур е мултикултурен град. Неверојатно е како сите јазици и култури функционираат заедно. Се слават Божиќ, Дивали, Кинеска Нова година, Рамазан и сите меѓусебно се почитуваат. Пресреќна сум што моето дете има можност да го искуси сето тоа, да расте без предрасуди и да гледа на различностите во светот како на богатство – категорична е Стојана Поповска, која е наставник-библиотекар во интернационално училиште
Професијата наставник во библиотека е нешто непознато во нашето образование. Но не е така во поразвиените земји. Македонката Стојана Поповска веќе неколку години работи во интернационални училишта како наставник-библиотекар. Четири години живеела во Пекинг, а во последните две во Сингапур.
Стојана заедно со синот Лука пред Храмот на небото во Пекинг
Како изгледа да се живее и да се расте дете во овие земји?
38-годишната Стојана, која е дипломиран германист, долги години работела како наставничка во интернационално школо во Скопје и тоа ја мотивирало да се обиде да создаде меѓународна кариера во Кина. Таму била ангажирана како наставничка во библиотека (teacher librarian) во интернационално училиште. Вели дека процесот на аплицирање бил долг, подразбирал игра на нерви, неизвесност и разочарување.
Кина – културолошки шок
– Конкуренцијата е огромна. Не е дека училиштата ги чекаат баш Стојана и Марко од Скопје и покрај тоа што го имаат потребното искуство и квалификации. Но, среќата секогаш игра голема улога и кога најмалку очекував, регрутирачка агенција ме исконтактира на „Линкдин“. По неколку интервјуа со агенцијата и со директорот на училиштето ја добив работата. Коцките одлично се наредија бидејќи училиштето истовремено имаше отворена позиција и за наставник по физичко воспитување. Мојот партнер ја доби работата и заедно заминавме во Кина – вели Поповска.
Стојана заедно со синот Лука на училиште во Кина и во Сингапур (десно)
Првиот контакт со Кина не бил едноставен, признава соговорничката. Тоа било како средба со некој друг свет, но и со земја со екстремно богата култура.
– Сите поминавме низ културолошки шок. Целата транзиција и приспособување траеше 5-6 месеци и потоа сѐ беше полесно. Прво нешто со кое се соочивме беше јазичната бариера, потоа начинот на размислување и вредностите длабоко вкоренети на оваа култура од неколку илјади години. Но, токму тие разлики ја прават Кина егзотична и совршено место за сопствениот раст, преиспитување на сопствените вредности и развој на почит кон различностите на овој свет и со тоа отворање на сопствените погледи. Сметам дека четиригодишниот престој во Пекинг е од огромно значење за развојот на моето дете. Не секогаш беше едноставно да му се објаснат некои сегменти од секојдневието, но времето помогна сам да ги сфати, да ги прифати и да порасне со нив – вели Поповска и додава дека по четири години одлучиле да заминат во Сингапур.
Библиотеката е срце на училиштето
Таа многу ја сака својата работа. Библиотекарите се многу ретки, а барани во интернационалните училишта. Иако нормално ѝ е што дури и пријателите знаат да се потсмеваат прашувајќи ја што точно работи.
Стојана, Марко и Лука пред Кинескиот ѕид
– Не само кај нас, туку и надвор луѓето имаат некоја стереотипна слика за тоа што значи да работиш како библиотекар. Најверојатно ме замислуваат како седам зад некој шалтер, со очила, ставам печати по книги и ги заверувам во компјутер, а во меѓувреме им викам „шшш…!“ на децата. Библиотекарството денес, особено во рамките на интернационалните училишта, е сосема друга димензија. Училишните библиотеки се разликуваат од државните и имаат друга функција и цел на постоење. Библиотеката е, како што велат „срце на училиштето“, а мојата улога на библиотекар-наставник е суштинска во поддржување на програмата, наставниците, учениците и родителите, одржување и обновување на колекцијата од печатени и дигитални ресурси – вели таа.
„Игри без граници“ – дружење на родителите и децата
Што работи наставникот-библиотекар?
Од состаноци со наставниците и координаторите на школската програма, до организирање гостувања на автори-гости, работилници за родители, мини-саеми на книгата во рамките на училиштето, недела на книгата кога децата се облекуваат како омилениот лик од некоја книга – ова се дел од активностите што Стојана ги има секојдневно.
Децата во Сингапур многу ги сакаат библиотеките
– Често пати часовите се состојат и во промоција на книги, автори, серии и тоа на забавен начин со цел да се мотивираат децата и да развијат навики за читање. Имаме часови исполнети со разговори за книги кои ги прочитале, креираат реклами или трејлери за книги користејќи апликации како iMovie, Flipgrid, Book Creator, Canva, Padlet со цел да им се препорачаат книги и да се соработува онлајн. Прво одделение во наредниве неколку недели работат на тема „Денес и некогаш“. За време на часовите во библиотека една од активностите вклучува читање сликовници што го отсликуваат животот исполнет со технички уреди денес и играње со кал и песок во минатото. На еден од часовите ја претвораме библиотеката како во старите времиња, ја затемнуваме, читаме на свеќи и ги заверуваме позајмените книги на ливчиња наместо компјутерски. Згора на тоа, за целосно да ја доживееме атмосферата во минатото, ја гасиме и климата, па си седиме на топло, а во Сингапур e постојано над 30 степени и е многу влажно – објаснува нашата соговорничка.
Мини-саем на книгата во училиштето
Таа е голем поборник да се користат сликовници во наставата со децата затоа што имаат позитивно влијание врз социо-економскиот развој на децата.
– Сликовниците денес се неверојатно креативни и преку нив на индиректен начин може да се иницираат и водат дискусии со секоја возраст. Денешните сликовници ги нарекуваат софистицирани. Честопати ги користам за да започнам дискусија на чувствителна тема со сопственото дете. Во библиотеката имаме специјална полица каде што има сликовници на различни теми од: контрола на емоции, збогување, булинг, посвојување, развод итн. Еве и како изгледа страницата на библиотеката која ја креирав со уште една моја колешка, а сега ја одржуваме и обновуваме – посочува Поповска.
Децата во Сингапур прават многу тестови и се изложени на стрес
– Идеален! Безбеден, беспрекорно чист, со прекрасни паркови покрај вода, огромен избор на активности, висока свест за спорт и здрав живот, лесно за движење. Мојот син на 10 години сам почна да се снаоѓа со подземната железница. А еден мој пријател еднаш рече: „Во Сингапур и да ти се изгуби детето, ќе ти го донесат на врата“. Но, некогаш се прашувам дали моето дете расте во еден безбеден балон и колку ќе биде подготвено за животот надвор од Сингапур. Да, секаде постојат две страни на паричката – вели нашата соговорничка.
Игра за децата која наредна книга да ја изберат
Сингапур е мултикултурен град. Неверојатно е како сите јазици и култури функционираат заедно, додава Стојана.
– Се слават Божиќ, Дивали, Кинеска Нова година, Рамазан и сите меѓусебно се почитуваат. Пресреќна сум што моето дете има можност да го искуси сето тоа, да расте без предрасуди и да гледа на различностите во светот како на богатство – категорична е Поповска.
На сите светски листи за постигнувања во образованието Сингапур се наоѓа меѓу најдобрите земји, а многу често и на прво место. Според Поповска, децата прават многу тестови и се изложени на голем стрес, а не секое дете може да го издржи тоа. Децата во Сингапур многу читаат.
– Државната библиотека има синџир на библиотеки на секој агол кои овозможуваат пристап до илјадници книги и ресурси во секаков формат. Постојано се организираат настани од типот: фестивал на писатели на детски книги, работилници со илустратори, читање поезија, разноразни курсеви од различни области итн. Свесноста за читање во моето училиште е на ниво како никаде досега. Децата едноставно обожаваат да поминуваат време во библиотека, постојано позајмуваат книги и работат на проекти користејќи ги расположливите ресурси – објаснува Поповска.
Лука на првиот школски ден
25.000-40.000 долари чини една година во приватно школо
Таа објаснува дека интернационалните школи се сѐ попопуларни во оваа земја во последните две децении. Чинат многу, но нудат квалитетно образование каде што фокусот не е на содржината и изучување факти како во македонското образование, туку на вештини кои ги осамостојуваат децата уште од најмала возраст и ги подготвуваат за идни професии кои денес веројатно не ни постојат, вели таа.
Тук-тук е економично превозно средство што се користи во Кина
– Не само во Сингапур, туку глобално, билингвализмот во интернационалните училишта е главен тренд. Родителите што можат да си дозволат приватно образование за децата плаќаат големи суми за нивните деца да бидат образовани паралелно на два јазика. Сумите се движат меѓу 25.000 и 40.000 американски долари годишно, а особено популарна комбинација е наставата на англиски и на кинески јазик по различни програми во зависност од изборот на училиштето. Многу важен момент е доколку сте наставник во интернационално училиште и имате дете/деца тогаш вашето, во најголемиот број случаи, добива бесплатно школување – посочува Стојана.
912