Игротека

Синдромот принцеза ги напаѓа малите девојчиња

Со оглед на тоа дека малите девојчиња обожаваат да се облекуваат како принцези, тешко е да се замисли што може да има лошо во тоа.
Но, авторката Џенифер Л. Хардстеин напиша цела книга околу нејзините верувања дека бајките испраќаат опасни пораки.
Психолозите чија специјалност се децата и адолесцентите веруваат дека малите деца се внесуваат во многу нереални концепти од книгите и цртаните филмови, што подоцна може да влијае врз нивната самодоверба.
Во книгата доктор Хардстеин вели дека традиционалните приказни како „Заспаната убавица“ и „Пепелашка“ прават малите девојчиња да веруваат дека ако девојката е доволно убава и има модерна облека и чевли, ќе биде популарна и сакана.

Авторката го нарекува овој феномен „синдром принцеза“. Според неа, пораките што ги испраќаат бајките имаат огромно влијание врз самодовербата на детето и подоцна како што расте, потешко му е да сфати дека интелигенцијата, добродушноста и страста се најважни вредности.
Покрај ова, таа предупредува и на куклите, односно на барбиките и она што децата го гледаат на телевизија, во смисла на претерано шминкање и голотија.
Таа советува родителите да ги научат своите деца на вистинските вредности и да им овозможат добар почеток во животот. Иако на многу родители им е мило да ги третираат своите слатки девојчиња како принцези, сепак, во иднина тоа може негативно да се одрази врз нив.

Поради тоа, сега сè почесто се зборува за „синдромот принцеза“. Девојките што се смета дека се „заболени“ од овој синдром постојано се деградирани и омаловажувани. Па, можеби е подобро децата да растат приземјени во реалноста, а не во некоја волшебна бајка која на 15 години ќе исчезне исто како и магијата во Пепелашка.

Поврзани написи

To top