Воспитување

Никогаш не оставајте го детето во автомобилот. Синдромот на заборавено дете постои и може да му се случи на секого

Moзокот на ненаспана личност функционира како и мозокот на пијана личност. Размислувањето за постапките, логичкото заклучување и меморијата не функционираат баш најдобро, објаснува д-р Ива Брчиќ, едукаторка во програмата „Најсреќното бебе“ во Хрватска

Верувам дека многумина од вас никогаш не се сретнале со „синдромот на заборавено дете“ и веројатно не знаете за што се работи. Меѓутоа, секоја година голем број деца страдаат затоа што биле оставени или заборавени – во автомобилот на горештина.

Сигурно се прашувате како е можно родителот да го заборави сопственото дете. Па еве неколку објаснувања. Во 90 отсто од случаите се работи за деца до три години. А знаеме дека тоа е периодот од животот на детето кој за родителите е најтежок, полн со предизвици, па поголемиот дел од нив се хронично изморени и ненаспани. Moзокот на ненаспана личност функционира како и мозокот на пијана личност. Размислувањето за постапките, логичкото заклучување и меморијата не функционираат баш најдобро. Родителите се под стрес и поради многубројните обврски, концентрацијата им е раштркана на сто страни и често мораат да прават повеќе работи истовремено. Тогаш е доволно само мало одвлекување на вниманието за да заборават на своето дете. Особено ако детето спие во седиште и не произведува никакви звуци кои би го потсетиле родителот дека е во автомобилот.

Никогаш не треба да го оставате детето во автомобилот ни накратко и секогаш заклучувајте го автомобилот за детето да не влезе самото. Многу често се случува родителот да излезе од автомобилот само на „неколку минути“ за да заврши нешто (одење во банка или пошта), а детето го остава да чека бидејќи така ќе биде побрз. А не е реткост детето да влезе во автомобилот за да си игра и случајно да се заклучи. Поради незнаење, непромисленост и невнимание на родителите, децата страдаат.

Еве што би требало да знаете и добро е да го запомните. За само 10 минути температурата во автомобилот може да се покачи и за 20 степени, без разлика дали е вклучена климата или е умерена температурата. Детскиот организам е мал и работи побрзо отколку нашиот. Тоа значи и дека побрзо се загрева. Дури и 3 до 5 пати побрзо отколку кај возрасно лице. Како последица на топлотниот удар што го доживуваат, децата може да претрпат тешки изгореници, да ослепат или да добијат тешко оштетување на мозокот.

Еве неколку совети со чија помош синдромот на заборавено дете може да се избегне:

– Никогаш, ама баш никогаш не оставајте го детето во автомобилот.

– На задното седиште оставете ги своите работи, па кога ќе се свртите да ги земете, ќе го видите и детето.

– Понесете негови играчки кога го возите и една од нив ставете на совозачкото седиште за да ве потсети дека детето е со вас.

– Секогаш заклучувајте го автомобилот за детето да не влезе во него само и без ваше знаење.

Можеби овие совети ви се чинат малку смешни и непотребни, но на изморените и премногу оптоварените родители им се потребни едноставни и конкретни совети со чија помош ќе можат правилно да изреагираат. Бидејќи она што нам ни е здрав разум, за нив често не е.

Автор: Ива Брчиќ, едукатор

Извор

Поврзани написи

To top