Дали познавате луѓе што биле одлични ученици во основно или средно училиште, се запишале на факултет, а потоа не успеале да го завршат? Таа појава има свое име – Синдром на паметно дете. За тој проблем, за магазинот „Политика“ зборува професорот Зоран Миливојевиќ од Србија.
Претпоставуваме дека извонредната интелигенција е предност во животот, но судбините на некои многу интелигентни деца покажуваат дека не е секогаш така. Синдромот на паметно дете го означува детето кое благодарение на својата извонредна интелигенција, било многу успешно во првата фаза од образованието, иако не развило работни навики. И покрај успехот во текот на основното, а можеби и средното образование, ваквите деца често на студии доживуваат бродолом.
Тоа се деца што имаат добри оценки иако не учат дома. Ако внимавало на часовите и културно се однесувало, ваквото дете може да го заврши основното образование како одлично. Децата веруваат дека глупавоста и учењето се поврзани: колку е некој поглупав, толку подолго мора да учи, а дека најпаметните ништо не учат. Некогаш овој став е толку раширен меѓу децата, што кријат едни од други дека учеле дома за да не излезе дека не се доволно паметни.
Сè додека материјалот не е обемен, паметното дете е во состојба да импровизира за да добие солидна оценка. Бидејќи не добива лоши оценки, родителите не добиваат сигнал дека нешто не е во ред. Но подоцна, во гимназија или на факултет, кога материјалот станува обемен, овие деца се неуспешни. Преценувајќи ги своите способности, а потценувајќи го обемот на материјалот, паметните деца се одлучуваат за кампањско учење. Што повеќе се гледаат како паметни, толку пократок рок си даваат за учење. И кога нема да добијат висока оценка, ја потврдуваат сопствената супериорност: „Само да имав уште еден ден за учење“. Типично е во текот на студирањето да „заглават“ на оние предмети што се толку обемни, а краткотрајните кампањи не се доволни за успешно полагање.
Ваквата млада личност својот академски неуспех го сфаќа како доказ за својата глупавост. Лесно ја губи самопочитта: „Порано мислев дека сум паметен. Сега гледам дека не сум. Сите тие што ги потценував веќе завршија факултет, а јас не можам да дојдам ни до втора година“. Кај многу амбициозните млади луѓе, неуспехот поради недостиг на работни навики може да доведе до депресија, самоуништување и други проблеми.
Работејќи со вакви млади лица, учиме дека неспособноста и неуспехот не се едно исто. Дека иако се способни, тие се неуспешни бидејќи не работат доволно. Дека се учи кога ќе се загрее столот. Додека личноста нема навика за учење – а учењето е еден од облиците на работа – таа има отпор кон учењето, кое го доживува како многу непријатно. Оваа непријатност и отпор исчезнуваат кога некој ќе развие работни навики.
И затоа родителите кои не помислуваат дека и покрај одличните оценки, нивното паметно дете ќе има проблем, треба да знаат дека работните навики се нешто без што ќе биде тешко да се биде успешен и задоволен. Родителите се тие што треба да го навикнат детето на учење дома бидејќи навиката за учење само така се создава.
Автор: професор Зоран Миливојевиќ
912