Воспитување

Синдром на средно дете – сè што треба да знаете

Средното дете во семејството може да се чувствува запоставено, па постои можност да развие некои посебни особини на личноста.

Како и сите деца, средните деца ќе имаат уникатни потреби, кои може да се засилат со нивниот редослед на раѓање. На пример, можеби се чувствуваат како да се засенети од постариот брат или сестра, или дека не го добиваат истото внимание како најмладото дете. Поради ова, тие често може да се чувствуваат исклучени и погрешно разбрани – феномен кој често се нарекува „синдром на средно дете“.

Еве неколку совети што ќе му помогнат на вашето средно дете да блесне.

Што е синдром на средно дете?

Иако не постојат точни научни докази, факт е дека редоследот на раѓање може да влијае врз личноста на детето. Најстарите деца, на пример, обично се посигурни и посовесни. Можеби се наклонети кон перфекционизам, веројатно затоа што родителите со своето прво дете постојано ги следат „правилата“ и им го посветуваат целото внимание.

Од друга страна, кај најмалите браќа и сестри родителите се поопуштени и поискусни, така што последните родени деца имаат различни карактеристики на личноста, обично се поегоцентрични и повеќе бараат внимание.

Каде се вклопуваат средните деца? Тие веројатно не се пофалени како нивниот постар брат или разгалени како нивниот помал брат или сестра, што може да направи да се чувствуваат исклучени или запоставени. Овој феномен, наречен синдром на средно дете, исто така може да ги остави без чувство за припадност и место во семејството. Може да се чувствуваат или да кажат нешто од типот: „Никој не ме разбира, ниту ме слуша што зборувам“.

Карактеристики на синдромот на средно дете

За да компензира за недостигот на внимание, средното дете може да се однесува бунтовно или да се обиде да ги задоволи другите. Неговото однесување може делумно да се заснова на личноста на неговиот постар брат/сестра. Ако, на пример, постариот брат е одговорен и одличен ученик, средното дете би можело да се бунтува, да учи помалку – за да привлече внимание.
Средните деца, исто така, имаат тенденција да бидат попријатни и поблаги бидејќи честопати мораат да прават компромиси во текот на животот и да се приспособуваат на желбите на најстарите и најмладите во семејството. Ова им помага да станат понезависни и да одржуваат реални очекувања. Понатаму, средните деца обично градат повеќе односи надвор од семејството, често имаат големи социјални кругови и блиски пријателства.

Синдром на средно дете кај возрасни

Интересно е што дури и како возрасни, средните деца сè уште можат да ги задржат истите особини што ги развиле во детството. Ако се чувствувале запоставено во детството, може да имаат проблеми со самодовербата кога ќе пораснат. Од друга страна, тие би можеле да се истакнат во посредување конфликти во нивниот личен или професионален живот. Ако вашето малечко покажува знаци на синдром на средно дете – еве како да му помогнете:

Понудете безбедност

Ако вашето дете направи грешка, нагласете дека казнувањето не е поврзано со неговите браќа и сестри и тоа не го менува фактот дека се грижите за него. Клучно е објаснувањето што го нудите како причина за казната.

Не изоставувајте го

Посветете му доволно внимание на вашето средно дете за да не почувствува потреба да глуми. Со раскошни пофалби за неговите неверојатни слики, вашето средно дете ќе биде помалку склоно да го го глуми Пикасо со прст на ѕидот во дневната соба за да биде забележано.

За време на вечерата прашајте го средното дете: „Како ти помина денот?“ Поминете време сами со него. Фокусирајте се на него за да го уверите дека е исто толку важно како и неговите браќа и сестри.

Неговите достигнувања нека бидат „голема работа“

Знаеме, мали се шансите по целиот циркус на достигнувања, дипломи и медали на постарото дете, вашето второ, трето или четврто дете да биде воодушевено што ќе добие златна ѕвезда или медал за есеј кој го напишало за некоја книга. Сепак, многу е важно да му покажеме на средното дете дека вреди да се слават и неговите индивидуални достигнувања.

Поттикнете ги разликите

Вашето најстаро дете е шампион во правопис во регионот? Иако би било убаво вашето средно дете да ги следи неговите стапки, всушност, постојат безброј можности за потенцијални чувства на непријателство и инфериорност токму во тој сектор. Наместо тоа, поттикнете го вашето средно дете да најде активност во која ужива, се развива и успева. Академски достигнувања, уметност или спорт – што и да избере, поттикнете го на тој пат.

Комуникацијата нека биде отворена

Во совршен свет сите можеме да си ги читаме мислите. Сепак, може да биде речиси невозможно за родителот да разликува кога детето прави сцена затоа што е вознемирено или кога е гладно, на пример. Дури и ако вашето средно дете се чувствува игнорирано, можеби нема да каже ништо. За да го поправите ова, отворено разговарајте со него за тоа како се чувствува како средно дете. Може да кажете:

-Можам да видам дека е тешко бидејќи имаме бебе за кое треба да се грижиме, а твојот постар брат се подготвува за средно училиште. Ако се чувствуваш изоставен, разговарај со нас. Кажи ни „ми треба внимание“. Ние сме тука за тебе.

Создајте спомени

Погрижете се семејниот фотоалбум да има дел посветен на фотографии од вашето средно дете. Не дозволувајте да станат жртви на стереотипната судбина да гледаат илјадници слики од постариот брат или сестра, а само неколку од нив.

Извор

Поврзани написи

To top