Хипотонија или синдром на млитавост кај бебе е состојба на намален мускулен тонус кој во педијатриските ординации се дијагностицира во текот на првата година од неговиот живот. Понекогаш дури и во првите недели. Не се работи за одредена болест, туку за заедничко обележје на голем број можни причинители. Во зависност од својата презентација, хипотонијата може да биде знак за:

-присутно нарушување на средниот централен систем (мозокот)
-невромускулни или генетски болести
-ендокринолошко или метаболичко нарушување
-болести во градбата на сврзното ткиво

Што е мускулен тонус?

Мускулен тонус е состојба на напнатост на мускулите, пасивен мускулен отпор на движење, односно одговор на истегнување мускули. Не означува слабост, но недостигот на сила (или задржување на сила) може да се појави заедно со хипотонија.

Во доенечкиот период се презентира:

-со намалени движења на рацете и нозете (оскудна спонтана моторика на детето)
-слаба контрола на држење на главата
-зголемено движење на зглобовите (на пример, во лактот или дланката).

На хипотонија може да предупредат и некои други придружни состојби, како што е дислокација на колк, тешкотии со хранење (цицање) или дишење (особено во текот на респираторна болест) или доцнење во невролошкиот развој. Педијатрите добро се запознаени со раното препознавање на хипотонија во текот на составното следење на детскиот раст и развој. Во зависност од тегобите, детето најчесто е упатено на преглед кај невропедијатар или физијатар. Тие ќе ја проценат потребата од дополнителни дијагностички анализи.

Причина за хипотонијата

Со оглед на големиот број можни причинители, потребен е организиран пристап, целосна анамнеза, како и телесни и невролошки статус на пациентот. Постои цела една низа на детални знаци и симптоми кои специјалистите може да ги насочат кон одреден збор на болести. А така ќе се помогне во пронаоѓањето на причините за тегобите. Важен е податокот на појава на слични тегоби во блиското или подалечното семејство, квалитетот на движење на плодот во бременоста или појава на полихидрамнија (вишок плодова вода).

Барањето причини за хипотонијата бара соработка од повеќе специјалисти: невропедијатар, физијатар, генетичар, метаболичар, ендокринолог, гастроентеролог итн. Изборот на потребните анализи зависи од причините поради кои се сомнева дека настанала состојбата и најчесто се состои од: анализи на крвта, метаболички анализи, сликовна дијагностика (ултразвук, магнетна резонанса), електрофизиолошки методи (електромионеврографија, електроенцефалографија), а неретко се бараат и молекуларно-генетски анализи.

Во текот на дијагностичката изработка треба да се има на ум дека хипотонијата може да биде само симптом на некоја друга болест.

Лекување на хипотонијата

Пристапот кон лекувањето зависи од причините до кои дошло до состојбата. Во повеќето случаи не постои фармаколошка состојка со која може да се влијае врз хипотонијата. Сепак, кај помал број деца на основната болест може да се дејствува фармаколошки. Затоа, важно е што порано да се бара дијагнозата бидејќи често успехот на лекување зависи од раната примена на лекови.

Како и во дијагностицирањето, и лекувањето на хипотонијата бара мултидисциплинарен пристап. Тука се вклучува физикална терапија, лекови, нутритивна терапија, а понекогаш и респираторна поддршка, па конечно и хируршки зафати во случај на компликации или неможност за конзервативно лекување. За жал, поради големиот број причинители и ограничени дијагностички можности во некои земји, кај одреден број деца причината за хипотонијата не се успева да се најде. Прашање на кое главно прво се бара одговор е: Каква е прогнозата? – Односно, што може да се очекува во иднина и како детето ќе се развива и ќе расте. Исходот од хипотонијата кај секое дете во најголема мера зависи од причинителот и природата на болеста.

Во состојбите во кои причината е позната, лекарите со поголема веројатност може да говорат за исходот. Во состојбите со непозната етиологија, многу помага следењето на развојот на тегобите и можно е единствено да се претпостави исходот врз основа на другите истражувања и искуства на лекарите. Хипотонијата без други придружени тегоби има најдобра прогноза, па може да биде присутна и целиот живот, но и да исчезне во текот на годините на раст (бенигна хипотонија).

Исход

Во речиси две третини од случаите со нејасен причинител, исходот е поволен, со благи невролошки отстапки или нормализација, а кај преостанатите деца тегобите може да бидат изразени со години. Досегашните сознанија покажуваат дека еден од најважните фактори за прогноза е здружувањето на хипотонијата со доцнење на невролошкиот развој, а потоа со мускулната слабост, ментално заостанување, како и други невролошки тегоби. Со правилна физикална терапија и во такви случаи може да се постигне напредок. Општо, најлошиот исход го имаат болестите со прогресивен тек кои со текот на времето се влошуваат.

Автор: д-р Горан Кракар, невропедијатар

Извор



912

X