Прашај психолог училиште

Син ми слуша лоши зборови за мене од соучениците затоа што е дете на разведени родители. Што да направам?

ПРАШАЊЕ: Јас сум самохрана мајка на 12-годишен син. Во моментов сум свршена за човек кој живее во Скопје и планот е по завршувањето на основното образование да се преселиме таму со син ми. Живееме во рурална средина во внатрешноста и тука детето се школува. Пред извесен период детето почна да покажува агресија на училиште, некарактеристична за него. Дури по еден поголем инцидент во кој беше вклучен и наставник, синот ми призна дека од одредени ученици слуша многу лоши работи за мене (мајка ти е скитничка, не знае каде живее, лута по Скопје итн.). Не чувствува дека е заштитен на училиште, особено поради фактот што не се опоменуваат учениците за ваквото однесување, а се казнува син ми кога на ваквите зборови реагира со покажување агресија кон другите ученици. Каде да се обратам за ова, сметајќи дека не верувам во капацитетот на вработените во училиштето да се справат со овој тип на булинг со оглед на тоа што детето чувствува дека е дискриминирано дури и од наставниот кадар поради тоа што е дете на разведени родители?”

ОДГОВОР: Честитки за убавите нови почетоци. За жал, животот во мала средина носи многу предизвици. Во ваквите средини границите помеѓу приватното и јавното често се измешани. Луѓето зборуваат, толкуваат, додаваат свои приказни, многу сакаат да „водат туѓо гајле“, да етикетираат итн. и тоа што е многу лично често станува тема на туѓи разговори. Нешто што е многу лошо е што таквите „разговори“ се водат пред децата, без да се размислува малку повеќе за последиците. Да се биде самохрана мајка во таков контекст е тешко, од вас бара издржливост и сила да се носите со сѐ, а вашето дете, на свој начин, го чувствува тоа.

Начинот на кој тој реагира во моменти кога другите деца го задеваат и лошо зборуваат за вас е реакција на ситуација во која е повреден таму каде што е најчувствителен, а тоа е во врската со вас, мајката, и во сопственото чувство на вредност. Кога пред детето, директно или индиректно, се напаѓа родителот, често се допира јадрото на идентитетот и сликата за себе. Навредата станува внатрешно доживување на срам, изложеност и понижување. Вербалното повредување, особено кога е повторувано, може силно да влијае и врз самодовербата, да создаде анксиозност кај детето, повлекување или агресија како обид да се заштити. Кога детето не може да ја изрази болката со зборови, таа се појавува во дејство, бидејќи детето нема капацитет повредата да ја држи внатре во себе, ја изразува надвор, преку реакција. А тоа е она што се случува во училиште.

Дополнително, најавената преселба и новата семејна структура можат да внесат несигурност кај детето и да не ги изразува овие чувства директно, но тие можат да ја зголемат внатрешната напнатост.

Вашата улога е многу важна. Детето ќе го гради своето чувство за себе преку начинот на кој вие се справувате со ова. Важно е да почувствува дека е виден и разбран. Обидете се да му кажете дека разбирате колку е тешко да се слушаат такви зборови за сопствената мајка, дека тоа може да предизвика и лутина и срам истовремено. Разговарајте за чувствата што ги има во тие моменти, дали е лут, бесен, тажен, а потоа заеднички размислете што може да направи кога ќе се соочи со такви зборови и во такви ситуации, дали постои некој друг начин. Можете заедно да вежбате да се оддалечи или да каже: „Не зборувај така за мајка ми.“ Објаснете му дека кога децата се однесуваат така, често бараат реакција од него, да се лути и тепа, и кога ќе се оддалечи од тоа и нема да реагира, тие губат, а не тој. И дека во животот луѓето можат сѐ и сешто да зборуваат, но од нас зависи како ќе реагираме на тоа. Кога ќе е лут во вакви ситуации и други, да застане и да дише длабоко.

Помогнете му да разбере дека тоа што го зборуваат другите деца повеќе кажува за нив отколку за него или за вас. Доколку проблемите се продлабочуваат и се повторуваат, треба да разговарате со вработените во училиштето без разлика на сѐ.

Кога вие сте стабилни, кога има јасни надворешни граници и со постепено учење да ги именува и разбира своите чувства, тој може да изгради внатрешна сила што нема да зависи од туѓите зборови. Со среќа!

Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top