Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Барам совет за мојот 7-годишен син. Тој е многу активно, темпераментно, интелигентно и да кажам хиперактивно дете. Проблемот е во тоа што тој тешко може да се вклопи во игра со негови врсници поради тоа што сака да доминира и сè да биде по негово. Поради таквото однесување, другарчињата не секогаш го сакаат во игра.

Моето прашање е како да постапиме како родители? Повеќе пати се трудиме да му објасниме дека не треба така, дека некогаш и некој друг е во право, ама некако не разбира.

Исто така, има и друг мал проблем – концентрацијата. Кога почнува нешто, не го завршува докрај туку веднаш преминува на следно. Во последно време забележувам и дека сака да сокрие некои работи – да лаже, а исто така сака и да провоцира за само да биде по негово.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Од вашето прашање согледувам дека раснете само едно дете-единец. Детето-единец многу потешко и значително подоцна, дури кога ќе се вклучи во поинтензивна социјализација (рана школска возраст), искусува и учи како е да го дели светот и вниманието со повеќемина.
Можеби вашето дете посетувало градинка, и доколку посетувало, и таму можело да се дружи и да ја запознава околината. Тоа искуство е исто така значајно во однос на процената на неговиот капацитет за социјализација надвор од семејството. Сепак, на седум години почнува период на поголема независност и сепарација од родителите, одвојување од вас како негови досега најзначајни социјализатори, па детето почнува да гледа покомплексно на големината на светот. Овој однос со околината е покомплексен кај дете од 7 години отколку кај дете од 4 години. На седум години постои поголема потреба да се адаптираме и компромитираме со новиот покомплексен свет на односи за да станеме дел од него, а притоа развојно детето веќе има поразвиени капацитети за прием, процесирање и реакција на комплексната средина. Поради тоа, и самиот процес е покомплексен и може да донесе до поголема вознемиреност и во семејната средина и кај детето. Таа вознемиреност, доколку не се регулира соодветно, наместо да се празни од семејството, се враќа назад и циркулира и предизвикува уште поголема вознемиреност. Возрасните се единствените одговорни кои во ваква ситуација му помагаат на детето да развие соодветни вештини за сите стресни развојни промени.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Децата, особено оние што се единци, имаат потреба за доминација. Тоа доминантно однесување им е најпознато и пред да се вклучат во социјализација со врсниците. Од друга страна, самиот семеен систем е составен од тројца членови кои голем дел од времето и вниманието си го посветуваат едни на други. Значи, тоа се деца навикнати на големо внимание и дозвола за доминација и влијание над другите. Поради тоа навикнато однесување дома, не треба да се очекува нешто ново надвор, особено доколку сè уште не е изградено како типично однесување.
Можеби во овој период вашиот син првпат толку силно се судира со одговорот на средината во однос на таа научена доминација. Сигурно ќе му биде потребно подолго време додека да научи и самиот со кое однесување добива, а со кое губи, и што му одговара повеќе…
Доколку премногу го притискате за да ја постигне посакуваната промена (според вашите очекувања/стравови од исклученост од средината), може да создадете аверзија и тој да се повлече од вас уште повеќе. Затоа треба да му обезбедите простор, сам да разбере што се случува доколку сака „сè да биде по негово“ во групата врсници. Најлошо е кога мајката/родителот го коригира детето пред другите деца, затоа предлагам или да го повлечете настрана, па тивко да разговарате со него, или да разговарате кога ќе се повлечете дома. Дозволете да ви раскаже што се случува со другите кога сака сè да биде по негово. Прашајте го дали таквото однесување му одговара или сака да се промени? Кажете му дека има моќ да ја промени играта доколку сака, но тоа значи да сфати дека не си игра сам, да им дава ред и на другите да зборуваат, да даваат идеи, да прифаќа предлози од другите. Оставете да одлучи како сака понатаму да се чувствува во таквата ситуација… Поддржете го со тоа што ќе му кажете дека ова им се случува на многу деца, вклучително и вам кога сте биле на негова возраст, и дека со текот на времето, онака како што тој сака, работите ќе се менуваат. Треба да разбере дека и него зависи, а не само од другите, дали убаво ќе се дружи.

Оставете му малку простор да размисли и да дејствува. Можеби на почеток сè ќе биде по старо, но со текот на времето ќе сака да остане и со сигурност ќе промени некои аспекти во однесувањето. Многу е значајно да не сте многу критични, ниту да го осудувате за таквото однесување, туку да го разберете. Ова што го носите како прашање е развојно прашање на многу деца, и овие манифестации се нормални појави кои се рефлексија на развојните процеси на таа возраст и дотогашната позиција на моќ и влијание во семејството.
Вашето дете само што тргнало да се социјализира и поради пандемијата таа нова фаза од животот дополнително се прекинува и станува покомплексна. Ништо чудно доколку вашето дете се врати на претходната фаза на психо-социјалниот развој, да се вознемирува лесно, да се плаши, да се повлекува, бара заштита од вас и да му е потребна многу поголема телесна и емоционална поддршка, разбирање и прифаќање.
Вие имате многу прашања, но јас некако го одговорам првото прашање. Но доколку сакате да видите каков став и стил на одговор би сакале да изградите во однос на сите овие прашања, потребно е да комуницирате со соодветно стручно лице, психолог и/или психотерапевт кој ќе ве насочи во соодветната насока.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X