Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 5 години. Неговото однесување во последно време е значително променето на полошо. Кога е во кругот на семејството, а и со луѓе кои подобро ги познава, знае да се однесува крајно некултурно. Пцуе, кажува навредливи зборови упатени кон мајка, татко, баба, дедо итн. Знае да се однесува и агресивно, мава и брзо се нервира ако нешто не е по негово или не може да го сработи. Кога ќе прашам во градинка како е, добивам одговор дека е сосема спротивното, дека детето е мирно, послушно, вредно. Пробуваме и со казни да го смениме сето тоа и со разговор, но залудно. Ветува дека ќе го промени односот, но тоа кратко трае. Да ви напоменам дека сум бремена, но досега син ми тоа супер го прифаќа и е среќен. Загрижена сум за целата оваа ситуација. Ве молам за одговор.

ОДГОВОР: Секое однесување во себе крие одредена психолошка природа и причина која го поттикнува. Се работи за дете кое во надворешната средина соработува, почитува авторитет и не пројавува непожелно однесување, но кога е дома или со најблиските, лесно се лути, лесно покажува фрустрација, ги навредува и удира најблиските.

Природата на таквото однесување може да биде предизвикана од непоставени правила и граници во домот, односно недоследност и попустливост која сте ја имале кон него, низок степен на самоконтрола во однос на воспитување на лутината како емоција, учење по модел или, пак, тоа може да биде некоја незадоволена психолошка потреба, на пример, потреба за внимание, потреба за квалитетно поминато време еден на еден, потреба од љубов и нежност итн., која ја манифестира во непожелно однесување со цел да предизвика свртување на вниманието кон неа и задоволување.
Утврдувањето на причините за однесувањето е пат до решавање на проблемот. За утврдување на точните причини, ве советувам да се обратите кај психолог кој работи со деца каде што би добиле конкретни насоки и совети.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X