Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 5 години и непосредно пред моето второ породување пројави тикови, најпрво еден тик, а потоа се надоврзаа повеќе различни (без претходните тикови да се изгубат). Посетивме детски психолог и бевме советувани дека детето си бара внимание и дека не е загрижувачка состојбата, односно дека ќе помине. Тиковите одредено време, околу две недели, се изгубија, но повторно се јави само еден тик, со тој и почна (дување со нос). Трае околу 5-6 месеци. Ме загрижува повторното појавување, што да преземеме дополнително за да му помогнеме на детето. Страв ми е да не премине во хронично. Воедно, детето се слуша дека дува со носот и понекогаш знае да ми каже дека така дише. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Тиковите спаѓаат во категоријата невроразвојни нарушувања во кои спаѓаат: моторни нарушувања што вклучуваат Туретово растројство, хронични моторни или говорни тикови, минливи тикови, неодредени тикови и други специфични тикови. Тикот се опишува како ненадеен грч, движење или звук што нема цел и лицето не може да го спречи по своја слободна волја.

Тиковите може да се засилат во услови на стрес, вознемиреност, ментална напнатост. Она што е важно кога ги третираме е изнаоѓање и адресирање на проблемот кој ја иницирал таквата психоневролошка реакција во телото. Тикот како дување нос може да се појави и по подолготрајна употреба на кортикостероиди, синузитис и оток во носната шуплина. Во овие случаи активноста што детето ја изведувало волево и имала одбранбен карактер започнува да се врши ненадејно и без контрола и волја на детето. Доколку го исклучиме тој фактор, потоа ги разгледуваме психолошките фактори кои би предизвикале психоневролошки дисбаланс, при што адресирањето на причината за состојбата ги отвора можностите за нејзино решавање.

Во ваквите состојби детето има потреба да го повторува тикот – со тоа се ослободува од емоционалната напнатост, а секое спречување ја зголемува. Ваквите состојби се решаваат психотерапевтски со цел да се најде нов начин на изразување на своите чувства и конфликти кои се наоѓаат во основа на симптомот.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X