Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на едно преинтелигентно дете, кое има седум години и има проблем со исхраната… Веќе три години освен млеко, бисквити, пудинг, сок и грицки, не јаде ништо, како да има одбивност кон храната. Ако му дадам, на пример, леб, ми вели: „Не можам, ќе повратам ако каснам.“ Сме пробале секакви сирупи за имунитет, за апетит, ама ништо од тоа… Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Одбивањето храна може да биде последица на несоодветен ран пристап кон храната, односно рано вклучување на рафинираните шеќери како бисквити, пудинг итн. со кои детето ја задоволува калориската вредност на дневно ниво и одбива да јаде друга храна која е помалку вкусна споредено со таа што ја јаде.

Потоа, причина може да биде и пренагласено и пренасочено внимание кон храната уште од најрана возраст кога родителот става преголем акцент на оброците, па дури и присилно хранење. Доколку односот со храната најпрвин бил соодветно регулиран и како што споменавте таквиот однос се менува последните три години, тогаш причината за одбивање храна може да биде и психолошка, при што детето создава шема на „сејф фуд“ или храна која му обезбедува сигурност и чувство на контрола, со чија помош ги контролира непријатните доживувања и емоции. За да дадеме каков било совет најпрвин треба да го адресираме проблемот преку директна опсервација и тестирање, со што би се утврдиле причината и соодветните насоки.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X