Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 6,5 години и сега тргна на училиште. Кога се подготвуваме за на училиште, 10 минути се буни, плаче, а потоа се смирува. На часовите не е многу сконцентриран, не внимава, и многу често има напади на смеа. Имам забележано дека ако повеќе плаче наутро дома, тој ден на училиште е побесен и тие напади на смеа без причина се поизразени. Во договор со учителката почна да оди на дополнителни часови кај дефектологот во училиштето. Таа вели дека работат на концентрација и фокус, ама и таму има такви напади на смеа. Мислам дека така искажува револт. Такви напади на смеа понекогаш има и дома, кога е многу уморен или кога му се спие. Загрижена сум, дали е во ред ова однесување?

ОДГОВОР: Тргнувањето во училиште е важен период за детето и за родителот. Овој период е полесен ако вашето дете претходно одело во предучилишна установа. Училиштето е место со поголема одговорност и таму очекувањата од децата се поголеми. Колку и да е голема подготовката за училиште, тргнувањето е со многу возбуда и очекување бидејќи е поврзано со успешноста на детската способност.

Кога децата тргнуваат во училиште, од наставниците се добиваат информации како се снаоѓа со другите деца, дали соработува, во што е успешно и кои се негови слаби страни. Пишувате дека вашето дете има тешкотии со учењето. Способноста и зрелоста за училиште опфаќаат разни детски вештини, навики, интелектуална, телесна, емотивна и социјална зрелост. Детскиот успех во училиштето е како тој се снаоѓа со новите предизвици и како функционира во училишната средина. За тоа голем придонес има емоционалната зрелост, стабилност, самоконтрола, грижа за другите, можност за приспособување кон обврските, прифаќање авторитет и одреден степен на самостојност.

Секое дете е индивидуа за себе и има силни страни, а за некои подрачја треба да се има разбирање и поддршка од околината.

Преку секојдневни активности и игри со вашето дете може да се поттикнат вештините што му се потребни за приспособување и стекнување фокус и истрајност.
Секоја тешкотија што се јавува кај детето е стрес за целото семејство. Со правилно реагирање, барање стручна помош и насочување внимание кон детето, и детето и родителите полесно ќе ја надминат моменталната препрека. Ве советувам да го тестирате детето во некоја стручна установа за да се елиминираат сомнежите и да се даде стручна поддршка.

Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.




912

X