Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам син од 6,5 години. Зборува убаво од мал, но еден подолг период, можеби повеќе од еден година, кога е дома во мое присуство или на татко му, зборува како мало дете, а со другарчињата и на школо зборува многу убаво. Што може да е причината, како да постапиме за да се прекине ова?
ОДГОВОР: Почитувана мајка, ја разбирам вашата загриженост, но истовремено би ве советувала да не заборавате дека вашето дете нема реален проблем со зборувањето, што го прави проблемот релативно помал.
Со оглед на тоа дека имате дадено малку информации за однесувањето и зборувањето на вашето дете, ќе се потрудам да ви одговорам преку поставување неколку прашања. На пример, колку време вашето синче поминува со вас и вашиот сопруг или што вие правите заедно во слободното време и како го поминувате? Дали и колку време поминувате заедно и дали постојано вашето дете зборува неправилно пред вас? Доколку имате и друго дете, размислете дали можеби поминувате повеќе време со него, па вашиот син можеби се обидува само да биде интересен. Децата често го менуваат однесувањето кога сакаат да привлечат нечие внимание, особено како во вашиот случај. Тоа што кажувате дека во училиште и со другарчињата зборува нормално, ме наведува да размислувам во правец дека вашето дете со таквиот начин на зборување се обидува да го привлече вашето внимание кон себе.
Немам информација како вие како родители реагирате на неговото зборување како мало дете. Дали го карате, се лутите и дали му имате дадено до знаење како треба правилно да зборува…. или можеби ви станува интересен, па продолжувате и вие да зборувате како него.
Кога го слушате како убаво зборува со другарчињата, пофалете го поради тоа и кажете му дека би биле пресреќни ако и со вас зборува така. Читајте заедно и без критики поправувајте го во говорот. Дајте му до знаење дека иако расте, тој за вас секогаш ќе биде дете кое го сакате најмногу од сè, бидете му поддршка и постојано бидете присутни во неговото секојдневие бидејќи постои голема веројатност со таквиот начин на зборување да ве чувствува поблиски до себе и да добива повеќе внимание.
Искрено се надевам дека ви укажав на некој основен правец на движење при решавање на вашиот проблем и ви посакувам брзи позитивни промени во говорот и брз напредок на вашето дете. Само бидете трпеливи и не откажувајте се, обидете се да дознаете што точно бара вашиот син од вас и што е тоа што најмногу му е потребно.
Одговара: Ивана Велевска, лиценциран психолог, семеен и системски советник
е-пошта: ivana.blazevska22@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912