ПРАШАЊЕ: Мојот син има 5 години и беше изложен на екранизација. Посетува дефектолог речиси една година и ни беше препорачано и биофидбек, па има подобрување во концентрацијата и повеќе зборува. До пред еден месец пиеше млеко од шише, а јаде само блендирана храна, никако не може да го натераме да јаде цврста храна. Ако му забраниме нешто што сака, почнува да фрла предмети, нѐ удира, плаче, се тресе… Сака да биде меѓу деца, но не да игра со нив – ако му земат играчка, ги напаѓа и ги удира. Како да постапиме?
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и потребата да му помогнете на вашето дете. Од она што го опишавте, вашето дете нема доволно развиена внатрешна структура за регулација на фрустрацијата, импулсите, како и контактот со другите, што укажува на развоен дефицит кој бара трпение, стабилност и работа на основните психички функции.
Неговите избувнувања кога нешто му се забранува, фрлањето предмети, тресењето, плачењето и агресијата се типични за деца со низок праг на толеранција на фрустрација, кои сè уште не можат сами да се регулираат. Во тие моменти детето не умее да се изрази на друг начин и телото мора да ја исфрли акумулираната енергија. Секогаш бидете смирени бидејќи регулацијата на емоциите детето ја црпи од вас.
Подобрувањето на концентрацијата и говорот покажува дека мозокот реагира на стимулација, што е многу позитивно. Желбата да биде меѓу деца, но неможноста да игра или да поднесе кога ќе му земат играчка, укажува на социјална незрелост: сака контакт, но неговиот систем сè уште не е подготвен за сложена размена, чекање, менување улоги или надминување на конфликтите.

Би било добро да започнете со градење структура, која се гради преку стабилни односи, јасни граници, повторливи рутини, постепена изложеност на фрустрација и без насилно воведување храна – само понуда и рутина. Границите треба да бидат кратки и повторливи. Кога почнува да фрла, нема потреба од многу зборување или казни, туку смирување преку физичко и емоционално држење („Тешко ти е, знам дека се налути, но ќе помине“, „Тажен си…“, „Лут си…“) и рефлектирање и вербализирање на емоциите.
Социјализацијата треба да биде кратка и контролирана, со едно до две деца и возрасен во близина, каде што ќе се учи на чекање, делење и комуникација (на пример: „стоп“, „чекај“, „ќе добиеш повторно“, „прашај“). Задолжително комбинирајте со неврофидбек, играње, поминување време заедно, разговор и менување улоги. Постепено воведување цврста храна преку игра, без притисок и условување.
Заборавете на екраните, и би било добро да посетите детски психолог кој ќе ви даде професионална насока за развојната линија на вашето дете да стане постабилна и поорганизирана.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova