Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мајка сум на машко дете, има 2,5 години. Според возраста, загрижена сум бидејќи сè уште не зборува убаво и јасно, ретко врзува по неколку збора. Што и да побарам од него, ме разбира и реагира. Би сакала да добијам мислење, дали е тоа нормално за возраста, што би можело да влијае врз говорот? Дали има место за грижа?
Прашува: мајка
ОДГОВОР: Првиот збор со значење кај децата се појавува меѓу 10 и 14 месеци. Најчестиот збор „мама“ има повеќе значења – гладно сум, сакам вода, среќно сум што те гледам. Во периодот меѓу 12 и 18 месеци се појавуваат повеќе зборови и фондот се збогатува. Во период од 18 до 24 месеци кај децата се формира изразување со два збора, на пример: баба па-па, оди па-па, сака уште и сл. Во период од втората до третата година детето може да слуша внимателно приказна и следи две упатства по ред. Вие кажувате дека вашето дете ве разбира, следи и соодветно реагира. На оваа возраст детето ги има совладано и ги кажува сите зборови од својата околина и опкружување и користи два или три збора, да зборува за нешто или да бара нешто.
Поттикнувањето на говорот и богатењето на детскиот речник зависи од родителот, вие треба да зборувате со едноставни и правилни реченици кои вашето дете може да ги повторува. Покажете интерес за тоа што го кажува детето и проширувајте ја содржината. На пример: ако детето каже маче, вие продолжувате: да тоа е маче, мачето прави мјау, тоа е кафено, има опашка. Заедно со вашето дете пејте едноставни ритмички песнички и бројалки. Гледајте заедно семејни фотографии и албуми, именувајте ги ликовите и опишувајте што се случува. Користете различни дидактички играчки, сликовници, со што ќе му овозможите на вашето дете ново искуство, размена на информации и поттикнување на говорот.
Вашето дете правилно се развива. Секако, индивидуално е, децата различно се развиваат, некои на помала возраст, а некои деца подоцна прозбируваат. Доколку забележите дека има одредени неправилности, обратете се кај логопед. Ве поздравувам и имајте многу игри и зборување. 🙂
Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912