Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на речиси 10-годишен син. Последниве месеци мака мачам со него, многу се плаши да легне да спие, му е страв да заспие, вели дека слуша гласови кога е сам в соба (а спие во иста соба со сестра му). И покрај тоа што секоја вечер му објаснувам дека нема никакви гласови, дека нема причина да се плаши, дека не е сам, тој не спие ако не сум легната до него. Ве молам за совет како да постапам со него, се плашам недостигот на сон да не му се одрази врз здравјето.

ОДГОВОР: Стравот е природна емоција која е единствена за сите луѓе, исто како и радоста, среќата, љубовта. Детските стравови се условени од особеностите, т.е. карактеристиките на детската личност, како и темпераментот со кој се раѓа детето, воспитниот стил и пристап на родителот, т.е. начинот на кој детето учи како да се справува со стравот како емоција. Обично со текот на растењето стравот поминува без трага, но понекогаш стравовите влијаат врз однесувањето на детето, како и врз воспоставувањето хармонична интеракција со околниот свет.

Стравот како таков може да биде развоен, што значи карактеристичен за одредена возраст и природен дел од емоционалниот развој на детето, но може да биде и невротичен, што значи неоправдан и нереален, каде што реакцијата на страв е премногу нагласена во однос на ситуацијата. Вашето дете стравува од нешто за кое и вие немате доволно информации. Таквиот страв го прави вознемирен, несигурен, со нарушено чувство на безбедност и затоа има потреба од вас како некој што ќе го пополни тоа место. Не споделувате дали стравот е присутен и во некој друг дел од денот или во други ситуации или тоа однесување е карактеристично само за ноќта. Обидете се суптилно и ненаметливо да го охрабрите да ви го опише тоа од што се плаши. Прашајте го: Што е тоа што те плаши во последниов период, дали претходно си се плашел од истото?

Поттикнете го да го нацрта на еден лист хартија. Обидете се да го асоцирате стравот, на пример: доколку твојот страв би имал боја, каква боја би било тоа, доколку твојот страв би бил животно, кое животно би било тоа итн. Доколку утврдите дека стравот е неоправдан и нереален, објаснете му го тоа и охрабрете го нацртаниот страв на листот хартија да го уништи со тоа што најпрво ќе го ичкрта, исечка со ножички, истутка и ќе го фрли в канта за ѓубре. Обидете се да го пронајдете причинителот за креирање на стравот. Во оваа возраст тоа може да биде страшна приказна раскажана од некое другарче, гледање страшна содржина на „Јутјуб“ или видеоигри, хорор-филм итн. Пронаоѓањето на причината и нејзиното елиминирање е многу важно за да се воспостави неговиот психолошки баланс.

За почеток понудете му во неговиот кревет да има свое кадифено мече, пријатна светлечка ламба, читање книга в кревет. Особено е важно пред спиење да не е изложен на екран и секоја самостојно помината ноќ уважете ја, пофалете го, охрабрете го. Водете некоја седмична табела во која секое утро ќе пополнува некаков знак на успешно (самостојно) – неуспешно (несамостојно) помината ноќ. На крајот од седмицата избројте ги деновите во кои самостојно спиел и доколку се повеќе од другите, наградете го, пофалете го и поттикнете го да води ваква табела на месечно ниво. Доколку ви е потребна психолошка поддршка, во овој процес обратете се кај стручно лице психолог или психотерапевт.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X