Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Нашето дете има 18 месеци и фонд од само две зборчиња. Од 9 месеци оди редовно во градинка и од мирно, концентрирано и питомо дете, денес имам темпераментно и плачливо дете кое не сака да оди кај никого освен кај најблиските. Најмногу ме секира тоа што веќе 3 недели постојано тепа и има огромна нервоза (нешто што не го правел претходно никогаш). Ги тепа децата во градинка, нѐ тепа нас, домашните, и буквално не можеме до човек да го доближиме. Нервозата му е толку голема што се удира со глава в ѕид и се тепа самото. Како да реагираме во тие моменти и што да преземеме?

ОДГОВОР: Вашето дете расте, а самиот раст носи и различни промени во однесувањето. Секако дека сте шокирани, изненадени и веројатно и исплашени од неговото однесување бидејќи доброто и питомо дете сега станува малку лошо и бунтовно. Размислете дали сте имале променливи ситуации не така одамна.

Но, ова е апсолутно функционална агресија, во согласност со фазата на раст на вашето дете. На оваа возраст и до приближно пет години агресивното однесување е средство за комуникација преку кое детето се обидува да се соочи со светот и да комуницира со околината, да се наметне и да привлече внимание, да се разликува од другите, да го потврди своето присуство и уникатност.

Преку акција, малите деца ги доживуваат причинско-последичните врски, односот помеѓу дејството и последицата. „Да разберам што ќе се случи ако фрлам или удрам“. Од друга страна, вашето дете ги нема потребните алатки за вербално да го изрази она што го чувствува, а тоа несомнено е една од главните причини што го наведуваат да „дејствува“. Замислете ја фрустрацијата што тој ја чувствува во тој момент.

Нашата цел е да му помогнеме на детето да ги препознае чувствата и подобро да управува со импулсите, агресијата мора секогаш да се управува и канализира и да се ослободува преку креативни активности, игра и со ваша интервенција. Да се ​​потсетиме дека нема добри или лоши, правилни или погрешни емоции. Сите се добредојдени.

Забележете ги зачестеноста и условите кога се случуваат овие епизоди? Дали детето станува раздразливо кога сте сами или во присуство на други? Пред спиење или во некое друго одредено време од денот? Дали овие епизоди се повремени или чести? Внимавањето на зачестеноста и повременоста на настаните може да помогне да разберете дали тоа е манифестација поврзана со момент/период на непријатност.

Би било добро да не одговарате на агресивните епизоди со агресија, да не го обвинувате детето, да не се смеете во моментите на лутина. Не викајте, не карајте го, туку потрудете се да разбере што се случува. Спуштете се на негово ниво, погледнете го и кажете дека тоа не е добро… зборувајте нежно и пренасочете го во тие моменти.

Посветете му внимание и љубов… Направете да разбере дека неговото однесување е погрешно, поставете правила, мама и тато не се удираат, сам не смее да се удира, дајте му перница или да удира на креветот.

Набљудувајте го и вашето однесување како родители, ако сте вознемирени, нервозни, агресивни, детето ги перципира вашите негативни емоции и одговара соодветно, на ист начин како што вие несвесно го учите.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X