Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 3-годишен син кој посетува градинка уште од 9 месеци, но последнава година добив многу поплаки дека ги тепа децата, а истото се случува и кога дома ќе ни дојдат други деца. Покрај тоа што е себичен, не дава играчки, ако нешто не е по негово, одма почнува да ги мава. Последниве 2-3 месеци тоа се случува и со возрасните, по мене најмногу, по баба и дедо, а и на сите им вика: „Бегај оттука, не те сакам…“ Да напоменам дека сѐ уште е сам, нема брат/сестра, ниту пак имало некоја промена во домот или во меѓусебните односи за да доведе до ова однесување. Пробав да му објаснам дека не е убаво тоа, пробав со казни, но ништо не дава резултат. Не знам како понатаму да постапувам.

ОДГОВОР: Почитувана мајка, агресијата кај децата е многу природен начин да ја изразат фрустрацијата што ја чувствуваат. Децата на таа возраст не знаат какви последици ќе предизвика нивното агресивно однесување, возрасните ги учат и им даваат пример. Од начинот на кој возрасните, т.е. родителите реагираат на нивното агресивно однесување многу зависи дали истото ќе се поткрепи или ќе се намали. Исто така, децата учат преку опсервација и директно искуство во секојдневните ситуации дома или во градинка кој е најсоодветниот начин да го изразат незадоволството и фрустрацијата. Можете да проверите дали вашето дете имитира одредено однесување кое се случува врз него, или пак честопати го гледа околу себе.

Она што е исто така исклучително значајно е на кој начин родителите или воспитувачите поставуваат граници во однос на ова повторувачко агресивно однесување, дали го дозволувате без разлика што ве повредува, во кој момент реагирате – како го превенирате и санирате, дали на ист начин или пак го игнорирате?

Ова се одговори кои родителот треба да ги пронајде во сопственото однесување за да може многу повеќе да го разбере изворот на агресивното однесување кај сопственото дете. Агресивното однесување честопати е обид за внимание или одредена манипулација со цел да се потврди сопствената вредност, обид на детето да го сврти вниманието на родителите кон себе затоа што е уплашено дека тие не се толку присутни колку што би сакало да бидат.
Агресивното однесување знае да биде и обид да се воспостави одреден телесен контакт со родителот кој, окупиран со многу други прашања, не успева да ја даде топлината како дотогаш. Тоа знае да наиде на обвинување кај родителите наместо разбирање, затоа што гледаат на односот како на казна за родителствувањето, обвинување дека ја намалиле љубовта или го изгубиле интересот за детето.

Со цел да се пронајде соодветниот извор на агресивно однесување на вашето дете, како и да се пронајдат адекватни начини како да се адресира истото од страна на вас, неговите родители, поширокото семејство, па дури и воспитувачките во градинката, би можеле да се обратите за родителско насочување и психоедукација на radmila.zivanovic@gmail.com или psihoterapika@gmail.com.

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X