Прашај психолог училиште

Син ми е одличен и оди по натпревари, но соучениците го задеваат, му се закануваат дека ќе го тепаат, го нарекуваат со погрдни имиња…  Се плашам за неговото здравје

ПРАШАЊЕ: Моето 12-годишно дете има проблем со соучениците. Тој е интелигентен, одличен ученик, мирен, се натпреварува по математика, ниту еден наставник не се пожалил. Му пречи врева и кога викаат наставниците на час, тој буквално со главоболка се враќа дома. Во нашето семејство нема кавги, не се пцуе, не се навредува и не се понижува. Се трудиме нашите деца да растат во хармонично семејство.

Дознав дека го нарекувале штребер, го потпишуваат „педер“ во игрите, го предизвикуваат на игри како борење, пукање со пиштоли и сл. само за да го задеваат. Тој игра тенис, а не фудбал, не сака борби и сл. и секако дека во тој дел не е нешто посебно добар или снаодлив. Лесно се натажува и му доаѓаат солзи на очи, па поради тоа уште повеќе е мета на задевање. За возврат, тој знае да избувне физички. Не го повредува другото дете, но на пример фрлил гума за бришење (настрана) покрај детето што го нарекувало „плачко“. За да биде дел од друштвото, морал да пцуе. Пред некој ден доби и паничен напад, за по 2 саати разговор да дознам дека на часовите седи опкружен со деца кои го задеваат, а наставничката не сака да го премести. Едно од децата се заканувало дека ќе се пресмета физички со него, друго за време на одморите му ставало палто врз глава.

Ве молам за помош како да реагирам. Читам книги, слушам поткасти, следам психолози, разговарам нонстоп, никако не успевам да го надминам проблемот. Се плашам за неговото здравје.

ОДГОВОР: Она што го споделивте е болно и тешко првенствено за вашето дете, но и за вас како родители. Имате прекрасно, чувствително и паметно дете кое размислува, дете со длабоки чувства, но кое не се вклопува толку лесно во група каде што владеат грубост, натпревар и исмевање. За жал, надворешната, особено училишна средина е поле каде што децата се соочуваат со не толку мирни и убави работи.

Во училиште тие се обидуваат да се вклопат, да бидат прифатени за да не останат сами. Постојано се натпреваруваат во тоа кој е „посилен“, „попопуларен“ или кој ќе биде „во групата“, кој ќе биде „поголем мангуп“. Децата, водени од своите несвесни анксиозности и потребата за припадност, честопати се здружуваат така што исклучуваат некого. Тие ги проектираат своите ранливости врз „другиот“… во овој случај врз вашето дете за да се чувствуваат „посигурни“ или „помалку ранливи“, а често чувствителните деца во денешно време „се чувствуваат како отуѓени“. 

Бидејќи не сака да се тепа и има поинакви интереси, и е одличен ученик, другите деца го доживуваат како „различен“. А кога некој е различен, тоа не се прифаќа, токму таа разлика станува причина да биде исмејуван или исклучен. Го одбираат и поради тоа што не се брани, „не покажува заби“.

Што се однесува до канализирањето на неговата лутина, со фрлањето гума настрана“, тоа е и добар начин на прифаќање на својата емоција, на препознавање, но и нејзино изразување, веројатно нешто што го научил дома од вас. Паничниот напад е показател дека нешто сака, а не успева и тогаш анксиозноста станува огромна.

Би било добро да го прифатите и да ги потврдите неговите чувства, да бидете тука за него без разлика што се обидува да каже или ви се пожали, да почувствува дека секогаш е некој со него. Без да го сожалувате. 

Бидејќи тој веќе има многу свои способности, би било добро да зборувате за нив, да развие наратив за тоа кој е тој, како некој кој е поразличен, со сите свои особености, како и сите други околу него.

Можете да зборувате за некои примери во семејството или, пак, за некои уметници, научници итн.

Објаснете му дека има различни избори во животот, на пр., не да возвраќа на ист начин како другите, туку да научи да се штити, на пример, да викне: „Престани. Тоа не е во ред“ или „Не сакам да ја играм оваа игра.“ Да покаже малку заби, а не само да молчи и да трпи. Тој веќе има сѐ што тие што го задеваат го немаат, ако го има уште и својот глас, тогаш веројатно ќе го остават на мир. Динамиката на ваквиот процес е таква.

Како е со кажувањето НЕ дома? Вежбајте улоги, а и дозволете дома да каже што не му се допаѓа. Вклучете го во активности кои се со „предизвик“, што градат самодоверба. Дозволете му да се качува, да скока, да се бори безбедно со татко му или брат, братучед.

Можете да го вклучите во активности со борачки вештини како џудо или аикидо кои учат на контрола, самодоверба и граници, без да биде агресивен.

Не спасувајте го од секој тежок момент.

Иако вашето дете е емоционално отворено, емпатично, љубезно и доста свесено за другите, и има квалитети кои се неизмерно добри, овие квалитети треба да бидат избалансирани малку со сила и отпорност.

Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

To top