Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на едно речиси 4-годишно момче и ме мачат следниве два проблема. Првото нешто е што мојот син воопшто не сака да си игра со деца, освен со неговите братучеди кои често ги гледа, ги набљудува, но не им се приближува, и секогаш јас морам да бидам до него. Ако сме на гости кај братучедите, плаче кога ќе дојдат други деца иако ги знае и си играл и со нив. Се пика во мене и јас пробувам да го утешам дека нема да го повредат, потоа се опушта и почнува да игра, а ако дојде уште некое друго дете, пак трча со плачење кај мене. Да појаснам, го одгледуваме сами и тој е премногу поврзан со мене, немам некој што би го чувал, а градинка не доаѓа предвид (одеше 2 месеца секое утро со повраќање, плачење и се повлече во себе и многу ослабе).

Вториот проблем повеќе ме мачи – син ми би го опишала како неснаодлив или премногу чувствителен или со главата во облаци. Знае да брои до 10, знае да пишува и букви и бројки, знае негови лични податоци, доста е културен и добро воспитан, во глобала е мирно дете, но на прашање дали се капел денес во базен (а се капел пред еден час), одговара со: „не знам, да го прашам татко ми“, обично кога комшиите му зборуваат или им обрнува внимание или целосно ги игнорира, притоа никогаш не гледа во нив, за премногу банални работи прашува зошто, а кога ја менувам тактиката и го прашувам: „А ти, што мислиш, зошто“, одговара со точен одговор. Може да помине автомобил покрај него, а воопшто да не го види или да не му обрне внимание. Секакви игри има, но ниту една не му задржува внимание, се префрла од една на друга без ред; ако не седнам да играм со него, не игра сам. Едноставно сум збунета дали нè манипулира или е осамен и плашлив. Можеби грешам, но не би го карактеризирала како разгален затоа што не го казнуваме физички или психички, туку му даваме до знаење каде згрешил и да се поправи следниот пат. Досега немал тантруми никаде и за ништо, не вика, не трча или да бега кога го носиме некаде, почитува и слуша. Дали ние бараме премногу од него, го притискавме и уште го притискаме да биде послушно дете и затоа сега вака постапува со децата, можеби грешката е во нас, поради премногу правила и заштита од сè и сешто, па немаше можност да се излудува…

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Пишувате и ставате акцент колку вашето дете е послушно и културно. Зборувате дека грешките ги надминувате со разговор, и тоа е за пофалба. Каде е спонтаната детска реакција и учење низ грешење, каде е палавоста што четиригодишните деца ја носат во секојдневието и што ќе се случи доколку вашето дете еден ден е непослушен и некултурен. 
Приврзаноста меѓу детето и родителите е длабока и трајна емоционална врска и е темел на емоционалниот развој. Детето во првите години ја остварува со лицето што најмногу се грижи за него. Самите кажувате дека вие сте постојано заедно и претпоставувам затоа кога има несигурност кај него во комуникација со други деца, каде што има непознати работи и можност за нешто да се погреши, тој ве бара вас или вие сте му најсигурни. Дефиницијата за поврзаност е кога детето настојува да оствари и одржува контакт со лицето кое се грижи за него, особено кога е вознемирено. Односот на раната приврзаност е темел на кој се градат сите понатамошни односи во животот: пријателски, партнерски и односите со сопствените деца.

Би ве советувала повеќе да зборувате како се чувствува вашето дете во дадена ситуација и од емоцијата што ја има во дадениот момент што би сакал да направи. Како вашето дете се чувствува со реакцијата и што истата реакција му прави на другарчето или возрасниот кон кого е насочена. Поддржете го вашето дете отворено да ги изразува своите потреби и емоции, во спротивно ќе очекува другите да ги препознаваат неговите потреби и желби и кога нема да бидат исполнети ќе бара помош од вас.

Детето што знае дека сите во семејството понекогаш грешат и дека грешките се поправаат ќе се чувствува многу посигурно од детето што мисли дека сè мора да е совршено

За да поттикнете развој на сигурна поврзаност, бидете достапни за вашето дете. Подобро е да поминувате пократко време заедно во кое ќе бидете целосно посветени. Тоа значи време со вас и време со други членови од вашето семејство, фамилија. Не кријте ги вашите емоции и чувства, туку разговарајте за нив. Така вашето дете како што ќе расте, ќе научи дека емоциите се именуваат, се споделуваат со другите и се изразуваат. Совршенството во родителствувањето го нема, а не е ни препорачливо. Детето што знае дека сите во семејството понекогаш грешат и дека грешките се поправаат ќе се чувствува многу посигурно од детето што мисли дека сè мора да е совршено. Некогаш родителите со најдобри намери претерано го поддржуваат своето дете со многу играчки и многу луѓе. Наместо тоа, дозволете му да се досадува, одмори и да се опушти. Сето ова има вредност за детето. Бидете доследни во одговарањето на детските потреби, на тој начин тоа учи дека светот е сигурно и предвидливо место и дека може да има доверба во другите луѓе. Трудете се да го одвојувате неговото однесување од него. Дајте му порака дека неговото однесување не е прифатливо, но и понатаму многу го сакате и дека тоа нема да се промени.

Покажете му љубов, гушкајте се, галете се, грешете заедно и реагирајте на неговите потреби. Ќе му помогнете да израсне во дете со самодоверба, среќно, самосвесно и одговорно, кое ќе носи мудри и зрели одлуки во животот.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

 

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X