говор Прашај психолог

Син ми има 3 години, но сѐ уште не зборува. Дали се во прашање гените бидејќи и татко му  до 3 години ништо не кажувал?

ПРАШАЊЕ: Имам син кој за еден ден ќе наполни 3 години, но сѐ уште не зборува, поточно си кажува нешто по негово. Неговиот фонд на чисто изразени зборови е: мама, тата, баба, деде, дада, бебе. Кажува и реченица, на пр., „Каде е мама…“. Сепак, ние имаме комуникација, знае кога ќе му речеш да донесе нешто, оди и одма го носи, но јас сум загрижена и да напоменам дека и татко му исто така до 3 години скоро ништо не кажувал, а потоа наеднаш почнал. Дали имаат врска гените? Совет што понатаму?

ОДГОВОР: Постојат одредени развојни норми кои ја отсликуваат оваа возраст, како и одредени карактерности, на пример: детето покажува љубопитност и го истражува светот околу себе, играта претставува најглавна преокупација на детето. Преку играта детето тестира многу ситуации и игра разни улоги што ги гледа кај возрасните.

Во вашето прашање недостигаат многу податоци кои би имале влијание врз забавен развој на говор, како на пример: дали детето посетува градинка, дали д е изложено на екрани, дали е изложено на втор јазик итн. Овие фактори би имале голема важност во дестимулација на развојот на говорот. Исто така, важно е да го поттикнувате што повеќе на говорна активност со тоа што ќе го стимулирате и невербалниот говор, како на пример: покажи со прст што точно сакаш, покажи ми со раката кога сакаш да дојдам. Во стимулацијата на говорот е важно секогаш да му се обраќате со точната форма на гласови во зборот без да ги кратите зборовите или да ги користите неговите елементи на говор. Читањето книги и илустративни сликовници го поттикнува развојот и начинот на изразување на детето, со што ваквата активност кај детето треба да стане секојдневна активност. Во тој поглед постојат и говорни сликовници со правилно изразување на гласовите и зборовите, како и говорни приказни.

Развојните норми ги опфаќаат когнитивните, емоционалните, социјалните, говорно-јазичните аспекти на развојот, што би значело дека доколку имате каква било причина за загриженост во врска со аспектите на развојот, треба да се посоветувате со психолог, дефектолог или логопед кој директно ќе го опсервира и ќе ги тестира развојните постигнувања на вашето дете со цел обезбедување целосно и објективно мислење.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

To top