Многу од децата во Канада се вратија во своите училници. Наставата се одвива според строги протоколи – различен начин на следење настава од оној пред пандемијата, па и децата се различни, бидејќи искусиле семеен стрес поради страв, неизвесност поради пандемијата, а некои се соочиле и со семејно насилство. Губењето на наставата и паузата долго беа тема на истражување. Затворањето на училиштата и на градинките и нивното повторно отворање беа честа тема и во медиумите и во научниот свет. Истражувачите прогнозираа дека учениците може да изгубат цела учебна година во однос на елементарните наставни предмети – а дел од учениците ќе бидат уште поранливи поради соочување со трауматски искуства за време на карантините.

Важно е да се земат предвид ефектите од губењето на наставата. Но, тоа не значи дека треба да се занемари и зајакнувањето на односите, благосостојбата и менталното здравје на учениците – а приоритет да бидат децата што доживеале страв и траума поврзана со пандемијата.

Зголемениот стрес го забавува процесот на учење

Едукаторите може да ги ублажат негативните последици од зголемениот стрес и да ја подобрат благосостојбата на децата преку позитивен однос и да бидат свесни за емоционалните потреби на децата. Затоа треба да се има балансиран пристап кон самото отворање на едукативните центри, како и кон емоционалните потреби на децата и нивното ментално здравје. Децата се под зголемен стрес, анксиозни се и загрижени поради пандемијата, па со тоа нивната способност да ги регулираат емоциите и импулсите е нарушена, а следствено на тоа имаат тешкотии и во помнењето на информациите, како и во вклучувањето во конструктивни односи со другите.

Во пролетниот извештај на УНЕСКО се зборува дека учениците имаат зголемена потреба да се чувствуваат безбедно и да им се задоволат нивните основни потреби.

Регулирање на стресот преку односите

Способноста да се регулира стресот и анксиозноста на учениците преку односите во училницата е моќна алатка за поддршка на академските исходи. Обидите да се пополнат итните академски очекувања без да се адресираат основните потреби на децата за емоционална безбедност само ќе ги зголемат чувствата на стрес и анксиозност кај нив и ќе го продлабочат проблемот. Кога децата се под притисок и стрес, тие бележат ниски резултати на училиште. Нивните организми се во ситуација да се борат за преживување, а малку место се остава за учење. Во анкета на 17.352 едукатори од Канада 44 отсто од нив изразиле загриженост за сопственото ментално здравје и благосостојба. Ова се 3 начини на кои училишните системи и едукаторите може да ги поддржат децата во остварувањето на основниот академски успех:

1. Негување на чувството за лична и професионална безбедност на наставниците

За да им помогнат на учениците, и на наставниците треба да им биде приоритет нивното ментално здравје и благосостојба. Кога училиштата и системот ќе обезбедат уверување дека постои личен безбеден простор, можноста за соработка со учениците и за приспособување кон новите практики ќе биде полесна и загарантирана. Истражувањата посочуваат дека перцепцијата дека одлуките и делата може да влијаат врз животните исходи е поврзана со помал стрес за работа, како и позитивно размислување.

Учителите треба да ја обликуваат средината во која ќе учат децата, а кога самите тие ќе се чувствуваат безбедни, ќе бидат подобро позиционирани за да можат да им изразат поддршка на учениците и да си ги зајакнат односите. За возврат, учениците ќе се поврзат со наставниците и ќе се чувствуваат безбедни. Нервниот систем ќе им биде смирен, а со тоа ќе се создадат услови за подобро да се вклучат во училишните активности и да учат.

2. Модифицирање на очекувањата од наставата

Како професионалци, наставниците се свесни за очекувањата според наставната програма, но тие го модифицираат темпото во согласност со нивните часови и услови. Директорите, замениците на директорите и кој било наставник во училиштето треба да го согледаат фактот дека е потребна модификација и усогласеност на програмата и заедно да се договорат како ќе се реализира целиот процес. Не треба да се врши притисок врз наставниците, туку да се најде компромисно решение за опфаќање на материјалот, но во одредени форми кои ќе одговараат на постојната состојба. Разбирањето, охрабрувањето и намалувањето на очекувањата се клучни и меѓу професионалците во образовниот процес.

3. Градење односи со семејствата

Цврстите и квалитетни односи дома-училиште се од исклучително значење за да се сфатат основните потреби на учениците и да се постават како приоритет. „Сите сме во ова“ е мислата која сите треба да ја сфатат и почитуваат. Кога децата ќе се чувствуваат емоционално безбедни, а наставниците ќе воспостават здрави врски со семејствата на децата и ќе се грижат и за сопственото ментално здравје, резултатот ќе биде успех во учењето.

Автор: Лиса Бајрами

Извор



912

X