Со развојот на новото време и технологијата, луѓето масовно ги насочија своите интереси кон технологијата, што направи да станат зависни од своите мобилни телефони, лаптопи, телевизија и слично.

Децата порано немаа „дигитално детство“ и своето слободно време го поминуваа на улица со другарите и другарките. Се играа игри од сабајле до вечер и никогаш не им здосадуваа. За разлика од тогашните деца, денес ретко кое дете се дружи со другарите и другарките на улица и игра игри до вечерните часови.

Ние направивме кратка анкета во која „некогашните деца“ споделија со нас со какви игри си го исполнувале времето и какви игри играат нивните деца денес. Ластик, граница, криенка, народна, џамија, плочка, брканица се само дел од игрите што им ги правеле деновите незаборавни.

Дали следните игри ќе ви разбудат носталгија?

Народна

Како се игра:
Народна – на двата краја има по едно дете кое е т.н. конзул, а преостанатите деца се во средина. Се игра со топка. Конзулите треба да мавнат по децата, а децата треба да се обидат да ја фатат топката. Ако играчот е удрен, излегува од играта, а ако ја фати топката, може да спаси едно од исфрлените деца.

Штркот бара боја

Како се игра:
Штркот бара боја – едно дете го игра штркот, а другите деца викаат „Штркот бара боја, која боја сакаш да е твоја“ . Тогаш штркот кажува една боја, а другите деца бараат некој предмет со таква боја. Оној што нема да најде таква боја, излегува од игра.

Граница

Како се игра:
Граница- два тима, еден објект (дрво, столб итн.), едниот тим го чува објектот, а другиот тим треба да го освои. Ако победи освојувачкиот тим, тој го чува од другиот тим. Играта е интересна и е комбинација на криенка и брканица.

Куку план

Како се игра:
Се црта мапа од маалото. Тие што се кријат ја цртаат мапата и цртаат икс на местото каде што планираат да се скријат. Задача на тие што мижат е во одреден временски период да ја дешифрираат мапата и да ги најдат тие што се кријат.

Ластик

Како се игра:
Играта обично ја играат тројца или повеќе играчи користејќи ластик. Двајца од учесниците (држачите) се свртени еден кон друг на растојание од неколку метри, а ластикот е околу нивните глуждови. Третиот играч (скокачот) стои помеѓу двете страни на ластикот и мора да изврши серија сè потешки потези без да направи грешка. Положбата на ластикот се крева додека скокачот се движи низ нивоата, од скочниот зглоб до висината на половината и повисоко.

Жежи-печи

Како се игра:
Жежи-печи: две деца стојат едно наспроти друго, а меѓу нив сите други. Двете деца од страните маваат со топка, а тие внатре бегаат. Кое дете ќе биде погодено од топката, испаѓа од игра.

Прими царе војску

Како се игра:
Прими царе војску – децата се делат на две групи, кои застануваат едни спроти други фатени за раце. Едната група вика „прими царе војску“, другата вика „ќе пукаме“, потоа првите викаат „пукајте“, вторите: „кој?“ И првите кажуваат кое дете и тоа се обидува во еден залет да ги пробие децата од првата група. Ако успее, одбира кој да премине на неговата страна. Победници се тие што имаат поголема војска.

Џамија

Како се игра:
Џамија – 5 ќерамиди, мазни, правоаголни се редат една над друга од најголема до најмала. Едната екипа со топка како куглање треба да ги разбие, а потоа треба една по една ќерамида да ги врати една над друга. Но, кога ќе да се доближи до ќерамидата, од другата екипа го удира со топката. Ако го удри со топката, излегува од игра, ако ја фати топката, може да ја фрли што подалеку и додека да ја земат да ги нареди ќерамидите.

Се играле уште многу други игри. Карактеристично за денешните деца е тоа што некои од нив сѐ уште ги играат овие игри, а некои пак времето за забава го поминуваат пред компјутерите и мобилните телефони.

Некои од испитаниците одговорија дека нивните деца, како и нив, го поминуваат своето слободно време на улица играјќи ги истите игри што ги играле нивните родители – ластик, народна, криенка, брканица и слично. Додека пак дел од нив кажаа дека нивните деца го поминуваат времето за забава играјќи „Мајнкрафт“, „Роблокс“, некои игри на телефон и слично.



912

X