Суштината на поминато квалитетно време со децата не е колку, туку како е поминато заедничкото слободно време
Активностите во слободното време во голема мера придонесуваат за развој на емотивниот, социјалниот и когнитивниот развој на децата и младите луѓе, па затоа е важен нивниот избор и организација. Неколку важни функции се карактеристични за слободното време: одмор, забава, рекреација, но и развој на личноста, која истовремено е и најтешката функција на слободното време и честопати се занемарува.
Помалите деца претежно го исполнуваат слободното време играјќи со омилените играчки. Како што расте детето, така неговите интереси за одредени играчки и игри се менуваат. Детето може да се занимава и со хоби во слободното време: спорт, танцување, музика, па сè до собирање поштенски марки (или други колекции), читање книги, стрипови и така натаму. Понекогаш, неопходно е родителот да го насочи и информира детето за сите можности и активности што може ги извршува во слободното време. При изборот на активност важно е да се почитуваат желбите и интересите на детето. Охрабрете го вашето дете да има што е можно повеќе разновидни содржини. Важно е да се обрне внимание на она со што детето игра, на пример, дали играта и играчката се соодветни за неговата возраст.
Вашето дете треба да разбере дека има денови кога имате повеќе работа отколку времето што го имате на располагање. Понекогаш едноставно немате време за ништо друго освен да му дадете површна помош. Решението е да се фокусирате целосно на една работа, а потоа на другата.
За повеќето деца, гледањето телевизија и играњето компјутерски игри е нивно омилено поминување на слободното времето, а за родителите најлесен начин да ги натераат да се вклучат во нешто. Нема потреба да се забранат овие активности, но тие треба да бидат временски ограничени и надгледувани особено во изборот на содржините.
Исто така, родителите треба да учествуваат во активности заедно со своите деца. Секој родител треба да одвои време да се дружи со своето дете. Суштината на поминато квалитетно време не е колку, туку како е поминато заедничкото слободно време.
Децата уште од рана возраст имаат потреба и желба да поминат време играјќи заедно со своите родители. Постои голема корелација помеѓу квалитетот на времето поминато во семејството и создавањето доверба, блискост, сигурност, поддршка, заедништво во меѓусебните релации.
Што кога вашето дете сака да му се придружите во играта или треба да му помогнете, а сепак треба да направите милион работи пред да заспие? Тоа е време кога ги слушаме децата само со половина од вниманието: „Хм? Па, тоа е убаво, душо… “ или кога поради многубројните обврски сме исцрпени „ Да, знам дека ти треба помош, но погледни колку чинии треба да измијам?“
Секако дека на сите ни се има случено ова сценарио. Вашето дете треба да разбере дека има денови кога имате повеќе работа отколку времето што го имате на располагање. Понекогаш едноставно немате време за ништо друго освен да му дадете површна помош. Решението е да се фокусирате целосно на една работа, а потоа на другата, на пример, прво се фокусирате на домашните работи, но му објаснувате на детето: „Ако ме оставиш да го направам ручекот, ќе можеме заедно да играме цели триесет минути пред да морам да ја исчистам кујната“. Но, ако ме мачиш, ќе трае подолго и тогаш на крајот нема да имам триесет минути слободни“. Секако, важно е да се придржувате кон договореното, во спротивно тие нема да ви веруваат следниот пат. Обично, во овие ситуации, родителите им даваат приоритет на обврските што не биле во можност да ги исполнат во текот на денот, така што децата го губат правото да поминат квалитетно време со мама и тато. На крајот, родителите се наоѓаат во ситуација кога не го ни гледаат решението за проблемот „како да најдат време за децата“.
Ако сте зафатени, обидете се да најдете барем половина час за вашето дете секој ден – чувајте го тоа време без притисок, брзање и гледајќи во часовникот. Поминете време со вашето дете, разговарајте со него и играјте, оставете го да се чувствува дека тоа го правите затоа што го сакате, не затоа што морате. Заедно со целото семејство, креирајте неделен или месечен календар на заедничко поминато време и во него запишете ги планираните заеднички активности.
Разговарајте со вашите деца. Секогаш кога ќе најдете време, искористете го за да имате квалитетен и искрен разговор со вашето дете (кога го носите во градинка, кога заедно одите да пазарувате, додека се возите во автомобилот). Разговарајте за себе и за вашиот ден, што треба да направите и договорете се за времето што би можеле да го поминете заедно тој ден. Покрај тоа што ќе му го кажете на вашето дете, запомнете да слушате што има тоа да ви каже. Ако му ги поставувате на децата истите прашања секој ден, генерално ќе добивате исти одговори, а најчесто и оние што сакате да ги слушнете („Дали спиеше во градинка?“, „Ја напиша домашната работа?“…). Дозволете им на децата да зборуваат за себе, за тоа што сакаат да прават, за нивните грижи. Сето ова е важно за градење отворена и чесна врска, а создава и атмосфера каде што децата можат да започнат со која било тема. Охрабрете ги љубопитноста и интересите на децата поставувајќи многу „Зошто?“ и „Како?“ прашања. Ова им помага на децата да научат да ги изразуваат своите мисли и чувства.
Ако сте зафатени, обидете се да најдете барем половина час за вашето дете секој ден – чувајте го тоа време без притисок, брзање и гледајќи во часовникот. Поминете време со вашето дете, разговарајте со него и играјте, оставете го вашето дете да се чувствува дека тоа го правите затоа што го сакате, не затоа што морате
Создајте време за игра. Играјте различни друштвени игри (карти, табла, мемориски игри, „Не лути се, човеку“…) кои се многу важни затоа што развиваат размислување, внимание, меморија и расудување. Притоа почитувањето на правилата треба да важи за сите учесници, на тој начин детето учи да ги контролира своите емоции.
Читајте му на детето од рана возраст. Разговарајте за прочитаното, раскажувајте приказни, играјте улоги… Одвојте определено време за читање (на пример, пред спиење или попладневен одмор) и уживајте во интимноста што се стекнува помеѓу вас и вашето дете. Посетете библиотека или книжарница и заедно изберете книги за читање.
Заеднички работи во домот. Домашните задачи се многу продуктивен начин за развивање одговорност кај децата. Изборот на активности треба да биде во согласност со возраста на детето. Можете да побарате од вашето дете да ви помогне околу подготвувањето на ручекот, да направи список со намирници за пазарење, да купи нешто од продавница, да си ги собере играчките, да си ги нареди алиштата…. Овие активности овозможуваат да ги научиме деца на одговорност, но исто така да развиваме подобра комуникација и тимска работа.
Семејно хоби. Семејното хоби е одлично за трошење на вашето слободно време: може да биде готвење, риболов, одење на натпревари, градинарство, возење велосипед итн. Повремено планирајте семејна прошетка – имајте пикник, посетете локален парк, возење велосипед, шетање во шумата, посета на зоолошка градина или музеј.
Спорт. Заедничките физички активности се важни за развојот на детето, бидејќи тие не само што го зајакнуваат телото, туку помагаат да се изгради и личност на детето, да се зголеми мотивацијата и упорноста.
Вклучете се во активностите на вашето дете. Однесете ги вашите деца во кино, театар, концерт, уметничко лизгање или игротека, но не оставајте ги сами. По заедничко искуство, разговарајте за тоа што сте го искусиле и споделете ги впечатоците. На овој начин вие останувате вклучени во животот на вашето дете и тоа ќе ви биде важно кога детето треба излезе само со своето друштво.
912