Светот на интернет е едно од најопасните места до кои децата имаат пристап секој ден, а исто така и местото каде што поминуваат голем дел од своето време. Родителите, обидувајќи се да ја почитуваат приватноста на своите деца, немаат пристап до нивните мобилни телефони. Дали е тоа погрешно? Може да биде, велат експертите.
Имено, денес сè поголем број деца имаат мобилни телефони, кои станаа неопходно зло. Истражувањето спроведено на оваа тема покажа дека иако имаат свои предности, мобилните телефони доведуваат до разни проблеми со концентрацијата и изливи на гнев кај децата и младите. Исто така, децата се подложени на негативните влијанија на социјалните мрежи, што може да биде многу опасно.
Токму затоа сѐ повеќе се зборува за тоа дали задача на родителите треба да биде редовно да ја проверуваат содржината на мобилниот телефон на своето дете. Сè уште е многу контроверзна тема бидејќи, од една страна, се работи за нивната безбедност, додека од друга страна се работи за доверба и приватност.
Што велат експертите?
„Одговорот е комплициран и зависи од многу различни фактори. Имено, треба да земете предвид неколку фактори како возраста, дали прегледувањето на нивниот телефон било дел од вашиот договор кога го добиле телефонот и дали ќе бидат присутни додека го прегледувате“, објаснува докторката Меган Морено.
„Многу пати сум слушнала дека гледањето во телефонот на детето без дозвола е исто како и читањето на неговиот дневник. Како некој што го чувал својот дневник во средно училиште под клуч, ова звучи многу понижувачки за децата, но и штетно за односот родител-дете. Сепак, сè уште е важно да бидете свесни што прават вашите деца на нивните мобилни телефони“, додава таа.

Софи Пирс, психолог за деца и адолесценти од Лос Анџелес, се согласува со неа. „Со технологијата доаѓа одреден ризик, а гледањето во телефонот на детето може да му помогне да се справи со одговорноста на безбеден начин“, објаснува таа.
За да им се овозможи на децата безбедно да ја користат технологијата, потребно е да се едуцираат и да се разговара со нив, да им се укаже на сите опасности што им се закануваат на интернет за да бидат свесни за сѐ што ги чека. Имено, работа на родителот е да му даде насочување и емоционална поддршка на детето, без разлика за која работа, заклучуваат експертите.