Педијатрите се согласни: строго треба да се почитуваат протоколите и доколку на детето почнува да му тече нос, не треба да посетува градинка или школо
Првите недели од оваа учебна година година се интересни бидејќи и семејствата и наставниците се адаптираат на новите правила во врска со Ковид-19, вклучувајќи ги носењето маска и физичката дистанца. Еден од најгорчливите проблеми, сепак, е течењето на носот, состојба која се повторува секоја есен.
А голем дел од иницијаторите на оваа природна појава се променливото време, ветрот, пониските температури, алергиите, промената на биоритамот на децата, намален имунитет и слично.
Никако посета на градинка или школо
Секоја есен се појавуваат настинките и алергиите кога децата ќе почнат да престојуваат во затворени простории. Училиштата се полни со деца кои користат марамчиња (и ракави) за да го избришат носот. Но, оваа година е поинаква, и марамчињата не се доволни бидејќи родителите не можат да утврдат дали станува збор за сезонска алергија, настинка или Ковид-19. Овде се отвора прашањето дали течењето на носот е доволна причина да се остане дома и да не се посетува настава или градинка.
Д-р Катарина Ставриќ
Д-р Катарина Ставриќ, детски имунолог, вели дека сега, во услови на пандемија на коронавирусот, треба да се почитуваат протоколите и доколку на детето почнува да му тече носот, не треба да посетува градинка или школо. Може во наредните денови да се развијат други симптоми на акутна инфекција. Течењето на носот не секогаш значи и почеток на акутна респираторна инфекција. Може да е знак на алергиски ринит, на иритација на носната слузница од штетни материи, пред сè, чад од цигари. Важно е доколку сакате да биде здраво вашето дете, да не се пуши во просториите каде што престојува детето во текот на денот поради штетните ефекти на чадот од цигарите – вели Ставриќ.
Да не се занемарува проблемот
И педијатарот Љиљана Којиќ апелира да не се релативизираат симптомите и при најмало течење на нос да се остане дома.
– Децата до тригодишна возраст сè уште немаат зрел имунолошки систем. Имено, децата до 3 години не создаваат доволно антитела од класата А, кои се заштита за слузницата на дишниот систем и системот за варење, па почесто страдаат од респираторни и цревни инфекции. Затоа и педијатрите, и пред корона-кризата, препорачуваа по три години да се оди во градинка, доколку тоа можностите го дозволуваат. И при лесна инфекција треба да останат дома. Не треба да се однесуваме како ништо да не е, особено не во услови на пандемија. Истото важи и за децата што посетуваат настава во училиште. И настинките се инфекции. Престојот на студ сам по себе не носи настинка, туку кога детето, освен што е изложено на студ, е и во допир со инфективен агенс. Ако од студ тече нос, за кратко ќе престане. А кога е инфекција, продолжува да тече и не треба да се занемарува. Треба да се провери за каква инфекција станува збор и да се лекува. Но во вакви услови секако дека треба да се мисли и на Сарс Ков-2 вирусот како причинител. Многу родители не го почитуваат ова и затоа во училиштата и во градинките сликата е таква каква што е. Ги советувам сите строго да се придржуваат кон препораките на Министерството за здравство и да работиме на нашата здравствена култура. Само така може да се подобри колективното здравје – вели доктор Којиќ.
Д-р Љиљана Којиќ
Британска Колумбија со спротивно мислење
Во зависност од правилата на училиштата во разни земји, течењето на носот може да доведе до барање за негативен Ковид-19 тест пред детето да се врати во училиште. Во некои земји тестирањето е неизбежно. Најлошо е во Онтарио, во еден центар за тестирање луѓето доаѓаат од 2 часот по полноќ, се редат во ред, а крајот на редот не се ни гледа. Друг центар во Отава се затвора по неколку минути од отворањето бидејќи жителите ги грабнале сите слободни места во текот на денот. Некои чекаат со денови за резултати. Во Онтарио секој ден се обработуваат околу 50.000 тестови.
Притисокот на родителите и јавноста врз здравствениот систем е огромен. На 21 септември Британска Колумбија го тргна „течењето нос“ од проверката што се прави секое утро, заедно со болки во грлото, главоболка, замор, болки во мускулите и уште пет други симптоми.
– Ако малку му тече носот на детето. тоа не е причина нужно да остане дома – изјави доктор Бони Хенри, главен здравствен службеник во провинцијата.
Ова следува по препораката од јавното здравство да се отстранат некои од симптомите, со оглед на многу малата веројатност за овие симптоми да укажат на коронавирусот.
– Овие симптоми се многу чести кај децата, така што постои загриженост дека непотребно ќе ги исклучат децата од настава – велат од министерството за здравство на Британска Колумбија.
Останатите класични симптоми за Ковид-19 се треска, отежнато дишење, кашлање.
912