Моето постаро дете нема проблем кога треба да преспие кај баба си. Дури и го обожава тоа. Помладата ќерка е малку поприврзана за нас и тешко се одвојува. Така беше и минатата недела кога требаше да ја поминат ноќта кај баба им, без мама и тато. „А што ќе правите ти и тато додека ние не сме тука?“, праша таа.
„Не знам, можеби ќе гледаме некој филм“, одговорив. Мојот сосема искрен и нималку тенденциозен одговор изгледа сосема безначајно, но имаше многу подлабоко значење во очите на мојата ќерка. Тоа е затоа што нашите деца знаат дека гледањето филм дома всушност значи дека мама и тато седат на кауч, еден до друг, прегрнати. „Да, да!“, рече таа одеднаш полна со ентузијазам. „Сакам да одам кај баба да спијам!“
Нејзината изненадувачка промена ме потсети на тоа колку на децата им е важно да бидат сигурни дека нивните родители се сакаат. Тоа им нуди чувство на сигурност, безбедност, истите оние чувства што сме ги имале како деца во моментите кога на долги патувања сме се возеле на задното седиште и мирно сме тонеле во сон, знаејќи дека сме сигурни, сакани, дека сме баш таму каде што треба да бидеме.
Децата едноставно сакаат да ги гледаат родителите како разменуваат нежности. Освен чувството на сигурност, кое во детството е неверојатно важно, тоа им дава и одличен модел за создавање емотивни врски и отворено покажување емоции подоцна во животот.

Ако сакаме нашите деца да развијат здрави односи подоцна во животот, мораме постојано да се потсетуваме што сѐ тие научуваат од врските – што учат од нас.
Ова можеби звучи застрашувачко бидејќи на родителите им создава огромен притисок, но тоа можеби и не е лошо. Ќе ве натера внимателно да го негувате својот однос со партнерот бидејќи имате на ум дека од тоа учи и вашето дете. Покажувањето нежност и љубов кон својот партнер пред децата, исто така, ги учи на тоа што е безусловна љубов.
Животот во семејство не е совршен. Децата треба да видат дека дури и кога постои несогласување, препирки, кавги, тоа не значи дека мама и тато престанале да се сакаат, или дека за љубов во семејството е неопходно да се исполнат некакви услови. Така децата, дури и кога морате да ги дисциплинирате, сигурно ќе знаат дека тоа не значи оти не ги сакате.
Децата што се често сведоци на родителска љубов ќе научат сѐ што треба да знаат за љубовта, бракот и меѓусебната грижа.